Рубрика: Информатика
Час за час – нова дигитална платформа за поврзување со заедницата
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 19.05.2020 - 12:30

Денес се соочуваме со најразлични социјални и еколошки проблеми кои веројатно, со текот на времето, ќе растат во големината. Новата платформа е проект поддржан од Фондот за иновација и техонолошки развој (ФИТР) како дел од КРЕАТОНОТ наменет за идеи кои имаат за цел да ги олеснат условите за време на пандемијата настаната од Ковид-19. Проектот е имплементиран од Здружението на граѓани Младите можат.

Платформата “Час за Час” е многу едноставна и го следи концептот на временските банки низ светот. Временската банка претставува концепт кој им помага на членовите на заедницата меѓусебно да ги споделуваат работите што уживаат да ги прават, притоа користејќи го времето, наместо пари, како ресурс. Концептот е многу едноставен. Трошите еден час време за да му помогнете или да споделите знаење со некој друг преку вештините што вие ги поседувате, а за возврат заработувате кредит од еден час кој оди во вашата временска банка. Сега вие можете да го потрошите заработениот кредит од еден час за услуга што вас ќе ви е потребна и можете да ја добиете во еден час од нечие време. Секој час се цени исто, без оглед на извршената услуга. Секој вид услуга може да се разменува за друга.

Како системот функционира во практиката?

Доколку потрошите 1 час од вашето време за помош на соседот за набавка на намирниците што му се потребни за оваа недела, тогаш автоматски сте заработиле 1 час. Овој час сега може да го потрошите за од некој друг корисник на платформата конечно да научите како се свири вашата омилена песна на гитарата што веќе цела година фаќа прашина во ќошето од собата.

На овој начин се охрабрува подобро запознавање на соседите, но и спремноста да им се помогне на другите без разлика на нивната возраст или економски статус.

Временските банки не би биле возможни без дигитализацијата, поточно платформа која ги прибира сите информации за часовите што секој член на банката има потреба или може да ги обезбеди. Токму затоа, “Младите можат“ за два дена ќе ја лансира дигиталната платформа која ќе биде бесплатна и достапна за сите и која ги следи часовите што членовите на банката ги заработуваат и трошат. За приклучување кон оваа платформа следете го линкот.

Наместо да бидат пасивни приматели на тие услуги, корисниците можат да стекнат нови вештини, да градат нови врски и да станат агенти на социјална промена во својата заедница. Па така, во вонредни околности, овој механизам придонесува кон подобар квалитет на живот на два начини.

Од една страна, овозможува брза мобилизација на човечките ресурси и капацитети за унапредување на јавното добро или помагање за решавање на итен социјален проблем на оние коишто им е најмногу потребно. Од друга страна, овозможува квалитетно искористување на времето, поттикнува развој на вештини, поврзување и придонес кон грижата за добросостојбата на целата заедница.

Клучни зборови: