Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 8/9/10.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 10.05.2020 - 14:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на датумите од овој викенд низ историјата. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

8.5.1794 – Антоан Лавоазје ќе го заврши животот на гилјотина

Голем е бројот на научниците кои со својата работа и откритија придонеле за развојот на природните науки, но темелите на современата хемија ги постави францускиот хемичар Антоан Лоран де Лавоазје (Antoine Laurent Lavoisier, 1743 – 1794).

Лавоазје дипломирал економија, а потоа запишал студии за изучување на природните науки. Самиот ги дизајнирал уредите и опремата којашто ја употребувал при експериментите, користел вага и го вовел мерењето со вага како објективно мерење. Тој го откри законот за зачувување на масата, составот на водата и воздухот, како и улогата на кислородот во процесите на согорување и на дишење.

Поставувајќи го законот за неуништливост на материјата во основата на хемиските случувања, Лавоазје воведува прецизни физички методи за мерење во хемиските истражувања. Прв докажал дека водата се состои од кислород и водород, во 1773 година. Имал тенденција да ги користи резултатите од други научници без притоа да ги спомне  нивните имиња, а сите научни заслуги си ги припишувал себеси.

Бил член на Француската академија на науките, но и моќна фигура во аристократските совети. Средствата за неговите истражувања ги обезбедувал како администратор во тогашната царинска даночна управа. Во вителот на француската револуција , голем дел од омразените високи чиновници од стариот режим биле осудени на смрт, а со нив и администраторот Лавоазје, кој бил обвинет за даночна измама и продажба на тутун со лош квалитет. Бил гилотиниран на 8 мај 1794 година. Во групата обвинители бил и Жан-Пол Мара (1743-1793), кому Лавоазје му го оспорил приемот во Академијата на науките. Додека толпата ја славела неговата смрт, математичарот и астроном Жoзеф-Луј Лагранж по тој повод ќе каже: “На Франција и беше доволен само еден момент да ја отсече таа глава, но ќе и бидат потребни сто години да изроди слична.

Само една година по неговата смрт, Франција призна дека е Лавоазје бил лажно обвинет и невин. Неговото име е едно од 72 имиња на значајни научници врежани во столбовите на Ајфеловата кула. (Н. С.)

 

8.5.1886 – Официјалниот роденден на Кока-Кола

Легендата вели дека д-р Џон Стит Пембертон, фармацевт од Атланта, го создал сирупот за напитокот во неговиот двор користејќи месинган сад. Првичната идеја била добиениот сируп да се користи како патентиран напиток, еликсир за лечење на сите болести. Денес Кока-Колата е еден од најпопуларните безалкохолни пијалаци во светот и еден од најпрепознатливите трговски брендови. (Н. С.)

8.5.1988 – Почина Роберт Хајнлајн

Роберт Хајнлајн (Robert A. Heinlein) е еден од најпопуларните, влијателни и контроверзни автори на научна фантастика. Хајнлајн постави високи стандарди во однос на научната и техничката веродостојност на случувањата во делата и во голема мерка придонесе за подобрување на литературниот квалитет на овој жанр. Тој е првиот писател кој успешно објавувал чиста, неприлагодена, научна фантастика во високотиражните списанија. Така уште кон крајот на 40-тите години од минатиот век Хајнлајн  објавува во тогашниот популарен неделник The Saturday Evening Post. Тој е и еден од неколкуте автори коишто успешно пласираат научно фантастични романи бестселери. Хајнлајн, Исак Асимов и Артур Кларк долги години беа познати како “Големата тројка” на научната фантастика.

Во своите научно фантастични приказни, Хајнлејн обработува препознатливи општествени теми: важноста на индивидуалната слобода и самодовербата, обврските на поединецот кон општеството, влијанието на организираната религија врз културата и власта, тенденцијата на општеството да го потисне неконформистичкото размислување. Истовремено Хајнлајн ја истражува врската помеѓу физичката и емоционалната љубов, размислува за можните неконвенционални семејни врски и за влијанието на патувањето во вселената врз културата на човештвото. Неговиот иновативен, неконвенционален пристап кон споменатите теми доведе до тоа неговите дела да наидуваат на сосема спротивни сфаќања, така што честопати стекнуваат меѓусебно контрадикторни етикети. Така, на пример, неговиот роман “Ѕвездени војници“  од 1959 година (Starship troopers), честопати бил разбиран како промоција на милитаризмот, па дури и дека содржи одредени елементи на фашизам, иако многу ставови во самата книга ја критикуваат нефлексибилноста и глупоста на чисто милитаристичкиот начин на размислување. Од друга страна, поради неговиот роман “Странец во чудна земја” од 1961 година (Stranger in a Strange Land) бил прогласен за промотор на сексуалната револуција и контракултура, а нчестопати му се припишуваат и заслугите за популаризирање на концептот на “полиаморија“ како одговорна не-моногамија.

За своите романи Хајнлајн освоил четири награди “Хуго”, a три од неговите дела ја добија наградата “Ретро-Хуго“ педесет години по нивното објавување. “Ретро-Хуго“ е награда којашто се доделува ретроактивно за годините кога не била доделена наградата “Хуго”.

Роберт Хајнлајн е и првиот кој ја доби наградата за животно дело Grand Master  којашто ја доделува Американското здружение на писатели на научна фантастика. (Н. С.)

 

9.5.1837 – Роден е Адам Опел

Адам Опел (Adam Opel) е германски инженер, основач на автомобилската компанија Adam Opel AG.

До 20-годишна возраст Адам го учел занаетот од својот татко бравар. По ова се стекнал со пасош, што ќе му овозможи да стане чирак бравар во Белгија, во Лиеж и во Брисел, а потоа да отпатува и во Париз, каде пристига кон средината на 1858 година. Додека бил во Париз, се заинтересирал за еден машински новитет, машината за шиење. Во 1859 година, тој започнал да работи кај производител на машини за шиење со цел одблиску да се запознае со оваа иновација. Помладиот брат на Адам, Жорж, исто така дошол во Париз да ја научи оваа нова технологија. Во 1862 година, Адам се вратил во Риселхајм, каде каде започнува сопствено производство на машини за шиење.

Неговата жена и нејзините сестри инвестирале во неговата фабрика, што овозможило купување на парна машина и проширување на фирмата. Во 1870 година фабриката започнува со производство на нов модел на машини за шиење, наречен Софија, по сопругата на Опел.

Во 1880-тите, производството на машини за шиење доживува експанзија, па следи стабилно проширување на фабриката, а до 1899 година се изработени повеќе од половина милион машини. Бројката од еден милион изработени машини е постигната во 1911 година, но истата година во пожар е уништен голем дел од фабриката. Браќата Опел решиле да се откажат од производството на машини за шиење и решаваат да се обидат во производството на попрофитабилни производи како велосипеди и автомобили.

До 1886 година, браќата Опел произведуваат својот модел на велосипед, а веќе следната година младиот Карл заминува за Англија о цел да ја проучи новата индустрија и да донесе примероци од најновите дизајни. Овој потег ќе придонесе до воспоставување на сериозно производство на велосипеди од повеќе типови, меѓу кои и трицикли, процес кој ќе се трае до крајот на 1887 година.

Адам Опел не доживеал да ги види автомобилите направени од компанијата што тој ја основал. Починал во 1895 година. (Н. С.)

 

10.5.1869 – Завршена е првата американска трансконтинентална железничка линија

Американската трансконтинентана железница го поврзува Атлантскиот со Пацифичкиот брег на САД овозможувајќи побрза размена на стоки и превоз на патници. Првичниот план за нејзина изградба бил претставен  пред Американскиот конгрес во 1845 година, а официјалната изградба започнува во 1863 година. Пругата ја градат две компании, едната ја води изведбата од источниот брег кон запад а другата ја започнува изведбата на западниот дел од САД пробивајќи ја трасата кон исток.

Работниците ги комплетираат линиите од двата краја и се среќаваат во месноста Промонтори Самит, во Јута, на 10 мај 1869 година. На церемонијата оджана по тој повод двата краја од пругата симболично се поврзуваат со златен клин. Изградбата на оваа пруга придонесе за побрз економски развој на САД. (Н. С.)

Клучни зборови:
Лавоазје го објаснува еден од експериментите на неговата жена

Лавоазје го објаснува еден од експериментите на неговата жена

Портрет на Антоан Лавоазје

Портрет на Антоан Лавоазје

Лабораторијата на Антоан Лавоазје

Лабораторијата на Антоан Лавоазје

Роберт Хајнлајн на промоција за едно од неговите дела

Роберт Хајнлајн на промоција за едно од неговите дела 

Работното биро на Хајнлајн

Работното биро на Хајнлајн

Адам Опел

Адам Опел

Манифестацијата по повод завршувањето на трансконтиненталната железница во САД

Манифестацијата по повод завршувањето на трансконтиненталната железница во САД

Од изградбата на трансконтиненталната железница

Од изградбата на трансконтиненталната железница