Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 7.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 07.05.2020 - 15:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

7.5.1895 – Ден на радиото (Ден на комуникациските работници) во Руската Федерација 

На овој ден, во Санкт Петербург, рускиот научник Александер Степанович Попов  (1859 - 1906), пред Руското друштво за физика и хемија го демонстрирал својот пронајдок, радиоприемник, во статијата со наслов „За односот на металните прашоци со електричните осцилации“, објавена на 15 декември 1895 година. Тој не аплицирал за патент за својот пронајдок.

Работата на Попов како наставник во руско поморско училиште го поттикнало да истражува електрични феномени со висока фреквенција. На 7 мај 1985 година, тој презентирал нацрти на безжичен детектор за молња што го конструирал користејќи кохерер за откривање на радиошумот при удар на гром (coherer – примитивна форма на радиодетектор, т.е. стаклена цевка која содржи метални струганици меѓу двете електроди. Во нормални услови, отпорноста меѓу електродите е многу голема. При влијание на електромагнетен бран, отпорноста нагло се намалува и постои целосна спроводливост на струјата, со што се открива присуството на сигналот). На 24 март 1896 година пренесувал радиосигнали меѓу два објекта во кампусот, меѓусебно оддалечени 250 метри. Работата на Попов била заснована на откритијата на физичарот Оливер Лоџ (Oliver Lodge), кој во јуни и август 1894 година одржал јавни предавања за Херцовите електромагнетни бранови и прв во светот извел успешни демонстрации на радио пренос.

Овој ден во поранешниот Советски Сојуз, а денес во Руската Федерација се слави како Ден на радиото, или Ден на работниците во телекомуникациите и како Ден на радиотелевизијата во Бугарија. (Д. М.)

 

7.5.1948 – Роден е Благоја Самакоски, вонреден професор на ТФ во Битола  

Тој е роден во Прилеп. Докторирал на Машинскиот факултет во Белград во 1994

 година. Предавал на Економскиот факултет во Прилеп од 1985 до 1992 година. Бил

генерален директор на компанијата Енергоинвест „11 Октомври“ од Прилеп. Во 1990 година го формира приватното претпријатие „Микросам АД“ за производство на современи сметачки управувани машини и за производство на композитни материјали.

Таму се конструирани првото дигитално броило во Република Македонија и првиот индустриски робот со шест оски за контрола. Добитник е на повеќе награди и признанија од Министерството за одбрана на СФРЈ, прогласен е за менаџер на годината за 1992, добил одликување од белгиската влада “Витез на инвентивноста“. (Д. М.)

 

7.5.секоја година – Светски ден на лозинките

Тие се чудни, комплексни, ги има насекаде и ги забораваме многу повеќе отколку што знаеме. Не, не зборуваме за годишнини. Зборуваме за вашите лозинки!

Лозинките се стари речиси подеднакво колку и потребата на луѓето да чуваат тајни. Сепак, кога ќе се спомене зборот лозинка, повеќето помислуваат на зборот што го впишуваме како корисничко име или е-пошта на сите веб-страници каде што се бара тоа. Но, долго пред тоа, тие играа подеднакво важна улога, особено во шпионажата и во тајните друштва. Кога сакате да се осигурате дека лицето со кое разговарате е лично испратено од вашата организација, ќе ги прашате за лозинка!

Тајните организации како масоните и другите братства, исто така, честопати барале лозинки пред да пропуштат некого низ врата.

Денес, на ваквите работи многу помалку се обрнува внимание, но дигиталната заштита стана апсолутно важна за нашето секојдневно постоење. Понекогаш само го штити нашиот идентитет на нашиот омилен веб-форум, или на пример заштита на профилот на Фејсбук, кој речиси секој го има.

Светскиот ден на лозинката служи за да ја разбуди свеста на луѓето дека грижата за лозинките е од суштинско значење за заштита од кражба на идентитетот. Постои застрашувачка статистика за моменталната состојба на безбедноста на лозинките. “Бизнис инсајдер“ направил истражување за да утврди колку се ранливи сметките и открил дека 10 000 од најчестите лозинки овозможуваат пристап до 98% од сите сметки. Со други зборови, повеќето луѓе користат исти лозинки – и ги користат истите со години.

Организаторите на Светскиот ден на лозинката исто така ја поттикнуваат идејата за двофакторска автентикација. Како личност со компјутерски писменост, веројатно веќе сте го сретнале овој концепт. Идејата е да се користат две форми на безбедност за да се потврди дека вие се обидувате да пристапите до вашата сметка, а не на некој друг.

Двофакторната автентикација може да има најразлични форми. Најчесто, тоа вклучува употреба на редовна лозинка и потоа испраќање на предупредување до вашиот телефон за да потврдите дали навистина вие се најавувате. Ако не е така, тогаш можете да го одбиете барањето за најавување и промена на вашата лозинка.

Ќе биде интересно да се види како Денот на лозинката се развива со времето. Во моментов, една типична лозинка вклучува букви, броеви, промени во големината на буквите и симболи, но не може секогаш да биде така во иднина. Којзнае како квантните компјутери и вештачката интелигенција ќе ја променат играта? Само ќе треба да почекаме и да видиме. (И. З.)

Клучни зборови:
Александер Степанович Попов  (1859 - 1906 )

Александер Степанович Попов  (1859 - 1906 )

Шема од приемникот на Попов

Шема од приемникот на Попов 

Благоја Самакоски

Благоја Самакоски

Обработка на податоци кон средината на педесетите години со употреба на компјутер од ИБМ

Обработка на податоци кон средината на педесетите години со употреба на компјутер од ИБМ

IBM 704 во Музејот на науката и техниката во Милано, Италија

IBM 704 во Музејот на науката и техниката во Милано, Италија