Рубрика: Медицина
Пребрзата активација на имуниот систем на Ковид-19 можеби е проблем?!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.05.2020 - 11:00

Едно ново истражување спроведено од страна на Универзитетот на Јужна Калифорнија укажува на тоа дека привременото потиснување на имуниот одговор во раните фази на Ковид-19 може да му помогне на заболениот да ги избегне сериозните симптоми.

Истражувањето, објавено во Journal of Medical Virology, покажува дека интеракцијата помеѓу двете главни линии на одбрана на телото кај некои пациенти може да предизвика премногу силен имунолошки одговор.

Како доаѓа до ова? Најнапред да појасниме како имунолошкиот систем се справува со вирусните напади.

Првата линија на одбрана на телото, вродениот имунолошки одговор, започнува веднаш по инфекцијата, убивајќи го вирусот и сите клетки оштетени од него. Втората линија на одбрана, адаптивниот имунолошки одговор, започнува неколку денови подоцна, ако остане некој вирус, при што имуниот систем го користи “знаењето” што го стекнал за вирусот за да ги мобилизира специјализираните елементи од имуниот систем, како Т-клетките и Б-клетките.

Користејќи “таргетиран клеточно-ограничен модел“, математички модел којшто е развиен за подобро разбирање на динамиката на вирусните инфекции, истражувачите испитувале како функционираат имунолошките реакции кај пациентите со Ковид-19 наспроти оние кај пациентите со грип.

Грипот е инфекција со брз развој и напаѓа одредени целни (таргетирани) клетки на површината од горниот респираторен систем, при што ги убива речиси сите целни клетки во рок од два до три дена. Смртта на овие клетки го лишува вирусот од понатамошни цели за зараза и му овозможува на вродениот имунолошки одговор на време да го исчисти телото од речиси сите вируси пред работата да ја “преземе” адаптивниот имун одговор.

За разлика од грипот, Ковид-19 ги таргетира површинските клетки низ целиот респираторен систем, вклучувајќи ги и оние во белите дробови, има инкубациски период од приближно шест дена и е со многу побавна стапка на развој на болеста. Математичките модели велат дека адаптивниот имун одговор можеби се активира прерано, пред да бидат уништени целните клетки, со што се нарушува работата на вродениот имунолошки одговор и неговата ефикасност и брзина. Оваа интеракција помеѓу вродениот и адаптивниот имун одговор нуди можно објаснување зошто некои пациенти ја искусуваат болеста во два брана, при што се чини дека нивното здравје се подобрува за потоа работите да тргнат кон многу полошо.

Најконтроверзниот резултат од истражувањето е предлогот за тоа како да се превенира оваа интеракцијата помеѓу двата имуни одговора. Имено, нивниот предлог е контраинтуитивен и се состои во давање лек за потиснување на имуниот одговор на почетокот на болеста, со цел да се подобри здравствениот исход на заболениот. Имуносупресивот би ја забавил реакцијата на адаптивниот имун одговор, спречувајќи ја неговата интеракција со вродениот имун одговор, со што ќе се забрза елиминацијата на вирусот и на инфицираните клетки.

Во иста насока се и укажувањата на некои помали истражувања претходно спроведени во Кина, од кои едно се однесува на лекувањето пациенти од Ковид-19 а неколку други (од 2003 година) го разгледуваат лекувањето пациенти од САРС со примена на кортикостероиди. Истражувањата покажале дека исходот бил подобар кај оние кои примиле ваков вид терапија наспроти оние кои не ја примиле.

Истражувачите од Универзитетот на Јужна Калифорнија велат дека следен чекор е проверка на математичкиот модел со податоците добиени од пациенти, по што би следеле предклинички испитувања на животни со цел да се потврди ефикасноста на раното администрирање имуносупресиви.

Клучни зборови: