Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 30.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 30.04.2020 - 22:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

30.4.1777 – Роден е Јохан  Карл Фридрих Гаус

Јохан  Карл Фридрих Гаус (Johann Carl Friedrich Gauss, 1777 - 1855) бил германски математичар и физичар кој дал значаен придонес на многу полиња во математиката и науката. Понекогаш познат како ,„принц на математичарите“ или „најголемиот  математичар уште од антиката“. Уште како дете бил извонредно надарен за математика и своите први математички откритија ги направил додека бил тинејџер. Се вели дека на 7-годишна возраст ги воодушевил своите учители со сумирање на целите броеви од 1 до 100 речиси веднаш (откако брзо забележал дека сумата е всушност 50 пара броеви, при што секој пар има збир од 101, вкупно 5.050). На 12-годишна возраст, тој веќе посетувал гимназија и ја критикувал геометријата на Евклид. На 19 години го решил проблемот кој ги мачел математичарите уште од античко време – геометриска конструкција на 17-страна фигура хептадекагон.

Иако тој дал придонес во речиси сите полиња на математиката, теоријата на броеви секогаш беше омилена област на Гаус и тврдел дека „математиката е кралица на науките, а теоријата на броеви е кралица на математиката“. Пример за тоа како Гаус ја револуционеризирал теоријата на броеви може да се види во неговата работа со сложени броеви (комбинации на реални и имагинарни броеви).

Во областа на веројатноста и статистиката, Гаус го вовел она што сега е познато како Гаусова распределба, Гаусова функција и Гаусова крива на грешка. Тој покажал како веројатноста може да биде претставена со крива во форма на ѕвоно или “нормална“ крива, која достигнува средна или очекувана вредност и брзо се спушта кон плус / минус бесконечност, што е основно за описите на статистички дистрибуираните податоци.

Во подоцнежните години, Гаус работел заедно со Вилхелм Вебер (Wilhelm Weber) на мерење на Земјиното магнетно поле. Во знак на признание за неговата работа на полето на електромагнетизмот, интернационалната единица за магнетна индукција е позната како gauss. (Д. М.)

 

30.4.2007 – Починал Панче Кирков, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

На денешен ден во 2007 година, во Скопје, починал познатиот инженер-технолог Панче Кирков. Роден е во 1927 година во Велес. Тој бил редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и научник. Дипломирал на Технолошкиот факултет на Универзитетот во Загреб во 1952 година. Исто така, на тој универзитет има и докторирано во 1956 година. Имал повеќе студиски престои во многу земји во Европа и во САД. Еден од основачите е на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, каде што работел од 1961 година до пензионирањето во 1987 година. Основач е на Заводот за физичка хемија и електрохемија. Бил декан на Технолошко-металуршкиот факултет. Негово подрачје на интерес била физичката хемија и електрохемијата. Иницијатор е за издавање на Билтенот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Основач е на центарот за примена на радиоизотопи во стопанството во Македонија. Долгогодишен експерт е на ООН во Египет, Индија, Франција и во САД.

 

30.4.1916 – Роден е Клод Елвуд Шенон

Клод Елвуд Шенон (Claude Elwood Shannon, 1916 - 2001) бил американски математичар, електроинженер и криптограф познат како “татко на информатичката теорија“. Шенон е познат по тоа што ја основал теоријата на информации со обележје “Математичка теорија на комуникацијата“, која ја објавил во 1948 година.

Тој е исто така добро познат по основањето на теоријата за дизајн на дигитални кола во 1937 година, кога како 21-годишен студент на магистерски студии на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) ја напишал својата теза покажувајќи дека електричните апликации на Буловата алгебра можат да ја конструираат која било логичка нумеричка врска. Шенон придонел во областа на криптанализата за национална одбрана за време на Втората светска војна, вклучувајќи ја и неговата фундаментална работа за пробивање шифри и безбедна телекомуникација. (Д. М.)

 

30.4.1939 –  Компанијата NBC го прави првиот ТВ-пренос од настан

Како одраз на широкиот спектар технолошки иновации изложени на саемот, говорот на Френклин Д. Рузвелт не само што е емитуван преку повеќе радиомрежи, туку бил овековечен и со ТВ-пренос заедно со другите збиднувања од церемонијата на отворање како и од другите настани на саемот. Церемонијата на отворањето и говорот на претседателот Рузвелт од 30 април 1939 година биле гледани на црно-бели телевизори со екран од катодна цевка со големина од 5 до 12 инчи. Компанијата NBC (National Broadcasting Company ) користи настанот за да започне со редовни телевизиски преноси во Њујорк преку нивната станица W2XBS (денешен WNBC). Директниот ТВ-пренос од говорот на Рузвелт го следеле околу 1 000 луѓе на приближно 200 телевизори во подрачјето на градот Њујорк.

Изложбата во Њујорк е од особено значење за развојот на телевизијата. Освен првиот директен ТВ-пренос, бидејќи Дејвид Сарноф, тогашен претседател на RCA и силен поддржувач на телевизијата, во павилјонот на RCA пред посетителите на светската изложба ја претстави телевизијата како технолошко достигнување.

За да ги убеди скептичните посетители дека телевизорот не е трик, еден ТВ-приемник бил сместен во проѕирна кутија за да може да се видат внатрешните делови. Како дел од изложбата на павилјонот RCA, посетителите можеле да се видат себеси на телевизија. Презентации на ТВ-техниката има и во павилионите на Џенерал Електрик и Вестингхаус. За време на ова официјално претставување на ТВ-техниката на Светската изложба, телевизорите стануваат достапни во малопродажба во реонот на Њујорк. (Н. С.)

 

30.4.2004 – Sprechen Sie Sassy?

Малверот Sasser бил  пуштен во интернетот, заразувајќи над милион компјутери со Windows во светот. Sasser е компјутерски црв кој влијае на компјутерите што работат со ранливи верзии на оперативните системи на Microsoft Windows XP и Windows 2000. Сасер се шири со експлоатација на системот преку ранливa порта. Тој е особено вирулентен, така што може да се шири без интервенција на корисник, но исто така лесно да се запре со правилно конфигуриран заштитен ѕид или со преземање ажурирања на системот од ажурирањето на Windows. (И. З.)

Клучни зборови:
Карл Фридрих Гаус, портрет направен 1828 година

Карл Фридрих Гаус, портрет направен 1828 година

Карл Фридрих Гаус, портрет направен 1840 година

Карл Фридрих Гаус, портрет направен 1840 година

Клод Шенон

Клод Шенон

Клод Шенон

Клод Шенон

Клод Шенон

Клод Шенон

Преносот од говорот на Френклин Делано Рузвелт на отворањето на Светската изложба

Преносот од говорот на Френклин Делано Рузвелт на отворањето на Светската изложба

Дел од сценографијата на Светската изложба во Њујорк прикажана на ТВ гледачите

Дел од сценографијата на Светската изложба во Њујорк прикажана на ТВ гледачите

ТВ-приемникот на РЦА сместен во проѕирна кутија

ТВ-приемникот на РЦА сместен во проѕирна кутија

Пораката што ја прикажува заразениот компјутерски систем

Пораката што ја прикажува заразениот компјутерски систем