На научниците одамна им е познато антибактериското дејство на УВ светлината. Имено, веќе со децении се знае дека делот од светлинскиот спектар со бранова должина од околу 254 nm има капацитет да ги убие вирусите и бактериите. Па така, во болниците и во лабораториите УВ светлината веќе со децении честопати се користи за да се стерилизираат празните простории, но и друга медицинска опрема. Но, конвенционалната гермицидна УВ-светлина не може да се користи во присуство на луѓе, бидејќи долготрајната изложеност на овој светлински спектар може да има сериозни здравствени последици на кожата и на очите.
Спротивно на тоа, таканаречената далечна-УВЦ (UVC) светлина, којашто има нешто помала бранова должина, во опсег од околу 205 до 230 nm, не може да ги оштети живите човечки клетки. Од друга страна, овие бранови должини сè уште можат да навлезат и да убијат ситните вируси и бактерии што лебдат во воздухот или се наоѓаат на површините во некоја просторија. Технологијата којашто ја разви Центарот за радиолошки истражувања од Универзитетот Колумбија во САД, се служи со ламби што непрекинато емитуваат ниски дози во опсегот на токму оваа бранова должина од ултравиолетовата светлина, позната како далечна-УВЦ светлина.
Експериментите спроведени од истражувачкиот тим покажале дека далечната-УВЦ светлина успешно елиминира два типа од сезонските коронавируси, оние коишто предизвикуваат кашлица и настинка. Истражувачите во мометов ја тестираат ефикасноста на овој вид светлина во справувањето со вирусот SARS-CoV-2 и првичните резултати се охрабрувачки.
Тимот веќе претходно утврдил дека овој метод ефективно го сузбива вирусот на грипот H1N1, којшто се пренесува преку воздух, но и повеќе видови на бактерии отпорни на лекови. Истовремено повеќе долгорочни истражувања спроведени врз животни покажале дека далечната-УВЦ светлина не ги оштетува кожата и очите.
Широката употреба на технологијата со далечна-УВЦ светлина во јавните простории каде протокот на луѓе е голем во иднина може да прерасне во моќна “одбранбена линија” при некоја идна епидемија или пандемија, бидејќи дури и кога ќе биде пронајдена вакција против вирусот којшто го предизвикува Ковид-19, таа нема да пружа заштита од некој си иден, непознат вирус.
Како што уверуваат од истражувачкиот тим се работи за нискобуџетно, безбедно решение коешто може да ги елиминира вирусите во воздухот многу брзо откако тие ќе се најдат во воздухот при кивање, искашлување или дишење. Технологијата не само што би помогнала да се ограничи ширењето на Ковид-19, како и на идните нови вируси, таа би се покажала подеднакво ефикасна и при справувањето со веќе познатите вируси како оние на грипот и малите сипаници.
Според замислата на истражувачите најефективно би било поставување на голем број ламби кои зрачат безбедна далечна-УВЦ светлина на плафоните од сите јавни простории, како чекални, школи, аеродроми, авиони, железнички станици, итн...
Повеќе компании веќе произведуваат вакви ламби, а потенцијалното зголемување на обемот на производство би придонело за пад на цената којашто во моментов изнесува од 500 до 1000 американски долари.