Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 28.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 28.04.2020 - 18:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

28.4.1951 – Роден е Леонид Грчев, познат македонски електроинженер и професор

Леонид Грчев е дипломиран електроинженер (1978 година) и доктор на технички науки, редовен професор и продекан на Електротехничкиот факултет во Скопје. Раководител е на Институтот за електротермија, на Центарот за електромагнетна компатибилност и на десетина меѓународни научно-истражувачки проекти. Член е на неколку работни групи на SIGRE во Париз за изработка на меѓународни препораки од областа на електромагнетната компатибилност и заштита од атмосферски празнења. Автор/коавтор на повеќе трудови во најпознатите електроенергетски списанија и на SIGRE, во кои дал значаен придонес за развојот на методите за анализа на транзиентните карактеристики на заземјувачките системи и на електромагнетната компатибилност.

Избран е за редовен член е на МАНУ на 27 мај 2009 година. (Т. С.)

 

28.4.2003  –  Епл ја лансира онлајн продавницата за iTunes

Апликацијата за дигиталните медија плеери iTunes беше создадена уште во 2001 година. Нејзиното раѓање направи музичка револуција, овозможувајќи бесплатен, интуитивен и лесен начин за организирање и репродуцирање на дигиталните видео и аудиосодржини. iTunes беше развиена речиси од нула, поради тоа што користи за тоа време нестандардни интерфејси кои овозможуваа приклучок независно од оперативниот систем на корисникот. Апликацијата беше замислена да овозможи лесна комуникација со други уреди и едноставно управување со фајловите на популарниот дигитален “вокмен” на Епл, iPod, а подоцна и за паметниот телефон iPhone.

Кога во 2003 година беше лансирана онлајн продавницата iTunes, корисниците добија можност да купат или да симнат музика од интернет директно во iTunes библиотеката на нивниот уред. За само 4 години преку iTunes продавницата беа продадени повеќе од 3 милијарди песни, додека во 2010 година, во февруари, сервисот ја забележа продажбата на 10 милијардитата песна.

Денес од iTunes може да се купат и симнат и музички видеоспотови, ТВ-серии и емисии, електронски игри, подкасти како и целовечерни филмови. (Н. С.)

 

28.4.2001 – Лансиран првиот вселенски турист

Американскиот бизнисмен Денис Тито стана првиот вселенски турист. Тој беше лансиран во вселената заедно со редовната товарна мисија на Роскосмос Меѓународната вселенска станица, каде што престојуваше речиси цела недела. Ова искуство првиот вселенски турист го чинеше приближно 20 милиони долари.

Вселенската туристичка понуда започна кон крајот на 90 години од минатиот век, со договор меѓу руската компанија MirCorp и американската Space Adventures Ltd. Руската приватна компанија MirCorp нудеше престој на руската вселенска станица МИР. Приходите од аранжманот требаше да се искористат за одржување на оваа вселенска станица, а прв муштерија на MirCorp беше токму Денис Тито. Но, пред Тито да го оствари “аранжманот”, беше донесена одлука за контролирано рушење на МИР, па така аранжманот беше пренасочен и реализиран на МВС. (Н. С.)

Клучни зборови:
Леонид Грчев

Леонид Грчев

Иконката за апликацијата iTunes денес е присутна на голем број паметни телефони

Иконката за апликацијата iTunes денес е присутна на голем број паметни телефони

Првичната намена на iTunes како софтверски интерфејс одамна е надмината

Првичната намена на iTunes како софтверски интерфејс одамна е надмината

Првиот вселенски турист Денис Тито

Првиот вселенски турист Денис Тито

Од престојот на Денис Тито на МВС

Од престојот на Денис Тито на МВС