Рубрика: Омнибус
Самоградби во време на пандемија
Автори: Слободан Таневски, Владимир Филевски
Објавено на 19.04.2020 - 21:00

Голем дел од нашите читатели се самоградители и домашни мајстори, било заради потреба или од хоби. Но притиснати од редовните работни и животни обврски, многумина ја имаа сведено на минимум таа активност и своето хоби. Меѓутоа сега, во овие денови (и недели) на пандемија, кога сме принудени да седиме дома во изолација, добар начин за разбивање на досадата и за подобрување на духовната состојба е да се занимаваме со некоја практична активност. Затоа многумина им се враќаат на недовршените проекти или започнуваат со нови.

Таурус 20 во изведба на Стефан Милојчевски од Пробиштип

Емитер отсекогаш давал поддршка за таквите активности, како со своите статии со проекти за самоградба, така и со можноста за објавување на самоградителските дела на читателите. Уште пред десетина години, на нашиот веб-сајт воведовме простор за презентација на самоградбите од читателите кои се изработени на основа на написите и проектите објавени во списанието. Повеќе за тоа може да се прочита ако се кликне на иконата “Место за слика на вашата изведба на овој проект“, односно тука. Како што може да се види, фотографиите од изработките на читателите се наоѓаат во посебна секција на истата страница каде што е соодветниот напис/проект од Емитер. Сега одиме чекор понатаму – освен на таа локација, пристигнатите фотографии ќе ги објавуваме и во посебни објави на Фејсбук-страницата на ЕМИТЕР. Целта е да се популаризираат конструкторските вештини на читателите, но и да се даде поттик и на другите читатели да изработат некои од прикажаните уреди и да ги презентираат во ЕМИТЕР.

Картингот објавен како проект на страниците на ЕМИТЕР во изведба на учениците од средното училиште "Гошо Викентиев" од Кочани

Денес, кога предметите што ни се потребни (или мислиме дека ни се потребни) можеме да ги купиме по неверојатно ниски цени благодарение на масовното производство од некои далечни фабрики, некако се чини дека нема никаква логика идејата да се обидеме самостојно да си направиме некој таков сличен предмет. Во најголемиот број случаи ќе нè чини поскапо, ем нема да изгледа толку убаво како „фабричкиот“ уред, ем ќе „изгубиме“ многу време за да го изработиме. Но, постои и друг, поубав поглед на тоа: чувството на задоволство кога ќе проработи нешто што сами сте го изработиле со свои сопствени раце, плус знаењата и искуството што сте ги добиле додека сте го изработувале тоа – едноставно се бесценети! А да не ги спомнувам блескавите моменти на слава и гордост кога ќе го покажувате своето ремек-дело на сите свои пријатели, роднини, познаници, па и на сосема непознати луѓе.

PIC програматорот изработен од нашиот читател Бојан Стојановски

Во ова време на принудна самоизолација заради пандемијата, наместо бескрајно и непродуктивно чмаење на Фејсбук или зјапање во досадни телевизиски серии, изберете некој од многубројните проекти за самоградба објавени во ЕМИТЕР и направете го! Ќе научите многу интересни работи, корисно ќе го употребите слободното време, а на крајот ќе добиете и потполно функционален уред.

50W засилувач во изведба на Александар Бабаков

Потоа направете неколку фотографии (по можност и видео) од вашата самоградба и испратете ни ги на редакциското е-сандаче: redakcija@emiter.com.mk . Притоа наведете за кој проект станува збор (наслов и бројот на списанието во кој е објавен), како и неколку реченици за вашата изведба. Ние ќе се потрудиме најбргу што може вашето дело да се најде на веб-страницата и на Фејсбук-страницата на ЕМИТЕР.

П.С. Вашето учество во оваа активност е доброволно и со прифаќање на условите наведени на https://emiter.com.mk/vasi_proekti

Клучни зборови:
Таурус 20 во изведба на Стефан Милојчевски од Пробиштип

Таурус 20 во изведба на Стефан Милојчевски од Пробиштип

Внатрешноста од регулаторот за мини-дупчалка изработен од Марјан Штркоски од Битола

Внатрешноста од регулаторот за мини-дупчалка изработен од Марјан Штркоски од Битола

50W засилувач во изведба на Александар Бабаков

50W засилувач во изведба на Александар Бабаков

Картингот објавен како проект на страниците на ЕМИТЕР во изведба на учениците од средното училиште "Гошо Викентиев" од Кочани

Картингот објавен како проект на страниците на ЕМИТЕР во изведба на учениците од средното училиште "Гошо Викентиев" од Кочани

PIC програматорот изработен од нашиот читател Бојан Стојановски

PIC програматорот изработен од нашиот читател Бојан Стојановски