Рубрика: Телекомуникации
18 април – Ден на радиоаматерите од целиот свет
Автор: Миле Кокотов
Објавено на 18.04.2020 - 14:15

На денешен ден во 1925 година, во Париз, се формирала Интернационалната унија на радиоаматерите (IARU – International Amateur Radio Union).

Радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката и телекомуникациите, а со своето експериментирање, користејќи радиоуреди од сопствена изработка, биле првите кои откриле дека преку радиобрановите од краткобрановото подрачје може да се комуницира со целиот свет. Подоцна, комерцијалната употреба на кратките бранови ги ограничиле радиоаматерските комуникации само на неколку краткобранови фреквенциски опсези, кои и денес постојат и се употребуваат од радиоаматерите на целата Земјина топка. Бројот на лиценцирани радиоаматери е поголем од три милиони во светот.

Кај нас зборот аматер, за жал, има несоодветно, помалку потценувачко значење и се употребува за некој кој е помалку вешт од професионалец. Всушност, терминот аматер значи љубител, а радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката и телекомуникациите. Меѓу радиоаматерите има врвни познавачи на радиотехниката и вистински професионалци за електроника и телекомуникации. Од ученици и студенти до инженери, магистри и доктори на науки, а има и радиоаматери – претседатели на држави, познати филмски ѕвезди, пејачи и други.

Радиоаматерскиот сојуз на Македонија е наш национален претставник на радиоаматерите во Меѓународната радиоаматерска унија (IARU).

Оваа година, во месецот кога се прославува денот на радиоаматерите, владее глобална пандемија со корона-вирусот Ковид-19. Поради вонредната состојба, многу земји воведоа социјално дистанцирање како една од мерките за сузбивање на ширењето на вирусот со седење дома. Во тој контекст, Радиоаматерскиот сојуз побара од Агенцијата за електронски комуникации специјален повикувачки знак Z30STAYHOME, кој го користи при комуникацијата со останатите радиоаматери од светот. На таков начин, со симболично значење,  радиоаматерите од Македонија даваат свој скромен придонес во намалување на последиците од пандемијата.

Клучни зборови: