Рубрика: Медицина
Најголемиот дел хумани коронавируси се сезонски со најмногу случаи во зимо
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.04.2020 - 22:15

Според едно ново истражување спроведено од Школата за јавно здравје при Универзитетот во Мичиген, од вкупно седум видови коронавируси за кои се знае дека имаат способност да инфицираат човек, четири од нив предизвикуваат вообичаени респираторни инфекции кои се строго сезонски и се чини дека се пренесуваат слично на грип.

Но пред да се израдувате, мал спојлер – авторите на трудот објавен во Journal of Infectious Diseases велат дека не е можно да се утврди дали коронавирусот SARS-CoV2, кој ja предизвикува болестa Ковид-19, ќе се однесува на ист начин. Сепак, тие се надеваат дека нивните откритија овозможат подобро да се подготвиме за она што допрва нè очекува за време на пандемијата на Ковид-19.

Истражувачите забележуваат дека иако коронавирусите кај човекот веќе одамна се препознаени како респираторни патогени, човечките коронавируси историски биле откривани кај благи респираторни заболувања; но кога животинските коронавируси преминуваат на луѓе, тие можат да предизвикаат тешка болест. Тешкиот акутен респираторен синдром, САРС во 2002 година, и Блиско-источниот респираторен синдром, МЕРС во 2012 година, се појавија кога специфичен вид на коронавирус премина од животно на човек. Се верува дека и пандемијата на Ковид започнала на ист начин.

Истражувачите користеле податоци од едно истражување спроведено за проценка на вакцините против грип. Се работи за долгорочно теково истражување за респираторните заболувања меѓу домаќинствата со деца во околината на Ен Арбор. За последните 10 години, меѓу 890 до 1441 лица од неколку стотини домаќинства учествувале во студијата. Оваа тековна студија сега ја следи појавата на SARS-CoV -2 и потенцијалното присуство на овој вирус во домаќинствата во Мичиген.

Во 2010 година, студијата започнала да ја следи појавата на четири, типично благи човечки коронавируси – OC43, 229E, HKU1 и NL63. Истражувачите ги разгледувале честотата на среќавање, сезонската појава и преносот во домаќинствата, во 993 инфекции предизвикани од овие коронавируси. Било откриено дека:

• Сè на сè, 9% од возрасните заболени и 20% од заболените деца морале да посетат лекар. Во просек, 30% од случаите со грип имале потреба од посета на лекар.

• При целогодишен преглед, повеќето случаи на инфекција со коронавирус биле откриени помеѓу декември и април/мај, а врвот го достигнувале во јануари/февруари. Само 2,5% од заболувањата се случиле во периодот од јуни до септември.

• Најчесто се заразувале децата под 5 години.

• Од 993 инфекции, 260 се стекнати при контакт со заразен во домаќинството.

• Периодот од првичната инфекција и појавата на првите симптоми на болест кај заразените во домаќинството се движел од 3,2 до 3,6 дена; притоа потенцијалниот ризик за секундарна инфекција се движел од 7,2% до 12,6% зависно од видот на коронавирусот.

• При заболувањата на деца под 5 години и возрасни над 50 години постоела повисока веројатност тие да бидат класифицирани како тешки.

Според авторите на трудот, истражуваните коронавируси се строго сезонска појава во реонот на Мичиген и, врз основа временскиот период од првичната инфекција и првите симптоми на вирусот до појавата на секундарна инфекција, се чини дека тие имаат сличен преносен потенцијал во општата популација како и вирусот на грип А (поттип H3N2). На пример периодот од инфекцијат адо првите симптоми на болест кај вирусот pH1N1 изнесува 2,5 до 2,8 дена. Истражувачите предупредуваат дека резултатите не се показател за тоа како ќе се однесува коронавирусот SARS CoV-2.

Во друго, одделно тековно истражување, биле користени примероци собрани пред пандемијата на Ковид-19, со цел да се забележи првата појава на SARS-CoV-2 во општата популација. Прелиминарните резултати не дале докази дека овој тип на коронавирус бил присутен во општата популација пред март 2020.

Како што на крајот нагласуваат авторите, преминот од глобална пандемија кон сезонска болест е веќе забележан како појава кај грипот, кој по пандемијата продолжи сезонски да се појавува во општата популација, но заменувајќи го претходниот поттип. Четирите типови на хумани коронавируси веќе со децении се присутни меѓу луѓето, но сè уште е нејасно кога првично се појавиле и дали притоа ги истиснале вирусите што претходно циркулирале во општата популација. За разлика од грипот, вирусите на МЕРС и САРС на глобално ниво не оствариле постојано присуство како сезонски респираторни болести. Само времето ќе покаже дали вирусот SARS-CoV-2 ќе остане постојано присутен јавувајќи се  од година во година како сезонска болест или пак ќе има ограничена циркулација, налик на МЕРС-от, а можеби и целосно ќе исчезне, како што се случи со САРС-от во 2003 година.

Клучни зборови: