Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 8.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 08.04.2020 - 21:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

8.4.1911 – Роден е Мелвин Калвин, американски хемичар и научник

Мелвин Елис Калвин (Melvin Ellis Calvin) бил американски биохемичар познат по откривањето на Калвиновиот циклус (заедно со Ендру Бенсон и Џејмс Башам), за што добива Нобелова награда за хемија во 1961 година. Поголем дел од својата професионална кариера ја има поминато во Калифорнискиот универзитет во Беркли. Неговите родители по потекло се Руси доселени во Америка. Во Детроит завршува гимназија, дипломирал на Рударско-технолошкиот факултет во Мичиген во 1931 година, а во 1935 година докторира одбранувајќи теза од хемијата во Универзитетот во Минесота. Потоа, следните четири години ги поминува во Манчестер, каде што ја работел постдокторската теза. Во 1947 година е избран за професор на Универзитетот во Беркли, каде што предава хемија, а во 1963 година доделено му е дополнително звање професор по молекуларна биологија. Основач е и директор на Лабораторијата за хемиска биодинамика, а истовремено е и вонреден директор на радијациската лабораторија во Беркли, каде што поминал поголем дел од своите истражувања, сè до пензионирањето во 1980 година. Во последните години на активното истражување ја проучувал употребата на постројки за производство на јаглен како обновлив извор на енергија. Починал на 8 јануари 1997 година во Беркли (Калифорнија). (Т. С.)

 

8.4.1869 – Роден е Харви Кушинг

Хенри Кушинг (Harvey Cushing) е еден од основоположниците на современите техники за хирургија на мозокот. Во голем број кругови се смета за најголемиот неврохирург на 20 век и татко на современата неврохирургија.

Кушинг инкорпорирал мноштво нови откритија во сопствените истражувања: користел рентгенски снимки за детектирање на тумори и новите електрични кавтеризатори. Направил повеќе откритија во врска со човечкиот сензорен конртекс и со болестите на хипофизата. Прв ги опишал пореметувањата на ендокринолошкиот систем, хипофизната ACTH хиперсекреција, именувани по него како Кушингова болест, и хиперкортизолизмот, нарелен Кушингов синдром.

Во 1926 година ја освојува Пулицеровата награда за неговата биографија на Вилијам Ослер (William Osler), еден од докторите кои се сметаат за основоположници на современата медицина. (Н. С.)

 

8.4.1984 – Починал Пјотр Капица

Пјотр Леонидович Капица (Пётр Леонидович Капица) е советски физичар којшто ги истражувал силните магнетни полиња, ниските температури и криогениката. Заслужен е за откритието на суперфлуидноста на хелиумот и развојот на нови методи за ликвификација на гасови коишто можат да се применат во индустриски погони. Овие откритија ќе му ја донесат едната половина од Нобеловата награда за физика во 1978 година.

Капица студирал во Велика Британија. Тука во периодот од 10 години работел заедно со Енрест Ратерфорд во Лабораторијата Кавендиш во Кембриџ, каде го основал и влијателниот клуб Капица. Станал член на Кралското друштво во 1929 година и бил прв директор на Монд лабораторијата во Кембриџ, во периодот од 1930 со 1934 година. Во 20-тите години од минатиот век ги смислил техниките за создавање на ултрасилно магнетно поле со пуштање на јака електрична струја во куси периоди низ специјално направени електормагнети со воздушно јадро. Во 1928 година ја открил линиската зависност на отпорот од магнетното поле кај различни метали при многу силни магнетни полиња.

Во 1934 година Капица се вратил во Русија за да ги посети своите родители, но сталиновата влада му забранила да се врати во Велика Британија.

Бидејќи неговата опрема за истражување на силни магнетни полиња останала во Кембриџ (иако подоцна Ернест Радерфорд се договорил со британската влада истата да ја испратат до СССР), тој го променил фокусот на своите истражувања кон физиката на ниски температури. Капица го основал Институтот за физички проблеми, делумно користејќи опрема што советската влада ја купила од Мондовата лабораторија во Кембриџ, со помош на Радерфорд, откако станало јасно дека на Капица нема да му биде дозволено да се врати во Англија.

Веднаш по војната, група истакнати советски научници се заложиле за основање на нов технички универзитет – Московскиот универзитет за физика и технологија, на којшто потоа Капица долги години предавал. Од 1957 година станал член на президиумот на Советската академија на науките и бил единствен член на президиумот кој не бил член на комунистичката партија, сè до неговата смрт во 1984 година. (Н. С.)

Клучни зборови:
Мелвин Калвин

Мелвин Калвин

Харви Вилијамс Кушинг – основоположник на современата неврохирургија

Харви Вилијамс Кушинг – основоположник на современата неврохирургија

Харви Кушинг

Харви Кушинг

Пјотр Капица

Пјотр Капица

Пјотр Капица

Пјотр Капица