Како и зошто горните слоеви од атмосферата на Сатурн, Јупитер, Уран, па и на Нептун, се жешки? Ова е едно од сè уште горливите прашања во доменот на планетарната наука. Сонцето е премногу оддалечено од овие планети за да има некој значаен удел во оваа појава. Па, кој е тогаш изворот на топлина?
Во случајот со Сатурн, главниот сомнеж паѓа на забележаниете појави на аурора на северниот и јужниот пол. Имено, НАСА соопшти дека новата анализа на податоците од вселенското летало Касини укажува на тоа дека електричните празнења поттикнати од интеракцијата помеѓу сончевите ветрови и наелектризираните честички што потекнуваат од месечините на планетата, ги предизвикуваат аурорите и ги загреваат горните слоеви од атмосферата.
Глобалниот систем на ветрови може да ја распредели енергијата, којашто првично се таложи во близина на половите, кон екваторијалните региони, загревајќи ги на двојно повисока температура од очекуваната, којашто би се должела единствено на загревањето од Сонцето. Вака барем се тврди во трудот објавен во списанието Nature.
За време на неговата 13-годишната мисија, Касини оствари дваесет и две ултра-блиски орбити околу Сатурн.
НАСА соопшти дека податоците за новата температурна мапа на атмосферата биле собрани за време на неговата последна орбита, позната како Големото финале (Grand Finale).
Во текот на шест недели, сондата таргетирала неколку светли ѕвезди во соѕвездијата Орион и Големото Куче (Canis Major), следејќи го нивното привидно движење зад Сатурн. Како што sвездите “изгревале” и “заоѓале”, така научниците ја анализирале промената во спектарот на sвездената светлина при нејзиното поминување низ атмосферата.
Со мерење на густината на атмосферата биле обезбедени потребните информации за температурата. Имено, густината се намалува со височината во атмосферата, а стапката на намалување зависи од температурата.
Научниците откриле дека температурите се највисоки во близина на аурорите, што укажува на тоа дека ауроралните електрични струи ги загреваат горните атмосферски слоеви. Разгледување на податоците од измерената густина и од температурата во ист контекст помогнало да пресметаат брзините на ветровите.
Инаку иако мисијата Касини заврши во септември 2017 година, огромната маса податоци добиени од сондата сè уште се обработува.