Освен ако не сте биле отсечени од светот или евентуално ориентирани исклучиво кон следење дневно-политички теми, дебати и слични, ахем, “кашканици”, тогаш веројатно знаете кој е Нил Деграс Тајсон, а уште повеќе знаете за кој серијал се работи кога ќе се спомене “Космос”.
За оние кои сè уште се мислат од каде им е познато името, еве мало потсетување. Првиот научен серијал со ова име беше создаден во 1980 година. "Космос: Лично патување“ беше документарец којшто го истражуваше универзумот, но и историјата на научните откритија. Документарецот, осмислен и воден од Карл Саган, го водеше гледачот во авантурата на истражување на универзумот, раскажувајќи ја приказната на космосот низ еден поширок видик кон нештата, нудејќи тематска шареноликост која покриваше од обработки на делови од јапонскиот фолклор, преку разобличување на астрологијата, па сè до конечната судбина на ѕвездите и галаксиите што нè опкружуваат. Овој култен серијал беше нешто што го инспирираше и поттикнуваше критичкото размислување во секој поглед и на суптилен начин се обидуваше да најде одговор на исконските прашања: кои сме, зошто сме и каде одиме?
Серијалот во 2014 година доживеа повторно враќање на малите екрани, во ново руво и со нов домаќин. За наратор и водител на новиот серијал, "Космос: Одисеја во времето и просторот" беше избран познатиот астрофизичар и космолог Нил Деграс Тајсон (Neil deGrasse Tyson), којшто веќе има минат труд во одделот за популаризирање на научната мисла и поттикнување за користење на критичкиот ум. Имено, Тајсон веќе неколку години претходно ја водеше радиоемисијата “Ѕвездени муабети” (Star Talks), достапна и како подкаст, којашто по серијалот Космос доби и свој ТВ-термин на каналот National Geographic.
Новиот “Космос” го следеше извонредниот концепт на оригиналната серија, кој кај гледачот предизвикуваше истовремено чувство на возбуда, воодушевување и вљубеност во чудесноста на космосот и природата. Оваа, условно, втора сезона доживеа огромна популарност, како кај младите така и меѓу постарите генерации кои сè уште ја помнат оригиналната серија и ја чуваат некаде на своите полици и книгата “Космос” од Карл Саган. Серијалот низ 13 епизоди го следеше развојот на научната мисла, ги откриваше мистериите на секојдневните предмети, ја претставуваше судбината на познати научници, ги демистифицира начините на коишто функционира микро и макрокосмосот... Да споменам само неколку од насловите од овој серијал “Некои од работите што молекулите ги прават”, “Небо исполнето со духови”, “Бесмртниците”, “Ослободениот свет”. Документарецот ја прикажува науката низ една хумана призма, како сеопшт потфат на човештвото, всушност како еден од најчовечните потфати.
Сега, пред нас е нова сезона од возобновениот серијал, насловена како “Космос: Можни светови”. Првата епизода за нашиот географски регион, “Скали до ѕвездите”, веќе се емитуваше минатата недела, на сателитскиот канал National Geographic. Новиот серијал патува во сè уште недоистражените пространства, истражувајќи ги изгубените светови, световите коишто допрва доаѓаат и светови во вселената коишто еден ден можеби ќе станат нов дом на човештвото.
Продуценти на серијата се повторно Ен Друјан (Ann Druyan), вдовицата на Карл Саган, која беше продуцент и на оригиналната серија, и Бренон Брага (Brannon Braga) продуцент на три серијали од научно-фантастичната сага “Ѕвездени патеки“. Брага и Друјан се јавуваат и како режисери на епизодите во овој серијал. Извршен продуцент на серијалот е Сет Мекфарлан (Seth MacFarlane) којшто беше гласот на нараторот во оригиналната серија, а воедно и прв предложи возобновување на серијалот "Космос".
Судејќи според насловите на епизодите од новиот серијал, “Изгубениот град на животот”, “Потрага по интелигентен живот на Земјата”, “Магија без лаги”, “Седумте чуда на Новиот свет”, “Сенките на заборавените предци” (да споменеме само некои од нив), нè очекува ново возбудливо патување со бродот на имагинацијата.
Терминот на прикажување на новиот серијал е резервиран во ударното филмско време, недела, 22 часот, на сателитскиот канал National Geographic. Репризите се закажани за понеделниците на полноќ и за саботите во 15 часот, но и во неколку други термини во текот на наредната седмица од емитувањето на секоја епизода. Повеќе информации за серијата и за термините за емитување можете да погледнете тука
Топло ви препорачуваме да ја следите оваа документарна серија која секоја недела ќе ве води на извонредно патување во светот на научната мисла.