Познат ни е фактот дека Месечината е единствениот природен сателит на планетата Земја и најблиско небесно тело до неа, кое се движи околу неа по елипсовидна патека, во правилни временски интервали (слика 1). Просечното растојание од Земјата до Месечината изнесува 384 400 km, така што светлината од Месечината до Земјата пристигнува за 1,25 секунди. Месечината е студено и цврсто небесно тело или карпеста топка која е без вода, атмосфера и живот. Поради отсуството на атмосфера, телото на Месечината е безбојно, правливо и без можност за живот. Но дали на некаков начин, во иднина, би можеле ние, Земјаните да ја колонизираме Месечината, кога би имале услови за тоа? Одговорот се содржи во истражувањата што се вршат во ЕСА.
Научниците од Европската вселенска агенција (ЕСА) – Бет Ломакс (Beth Lomax), хемичар од Универзитетот во Глазгов и Александре Меурис (Alexandre Meurisse), истражувач во ЕСА, успеаја да произведат кислород од лунарна прашина. Тие создадоа прототип и во моментот го тестираат во Лабораторијата за материјали и електрични компоненти на Европскиот центар за истражување и технологија на вселената (ESTEC), со седиште во Нордвијк (Noordwijk), Холандија.
Откриени се примероци на лунарна прашина, наречена реголит, која содржи од 40 до 45 проценти кислород. Тоа се примероци од прашина што се вратила на Земјата за време на мисиите Аполо. Крајната цел на истражувачите е да создадат уред со којшто може да се управува на површината на Месечината за да се произведе кислород од реголит.
Во моментот тие користат симулирана лунарна прашина за да го тестираат нивниот прототип.
“Да се успее во добивањето кислород од ресурсите пронајдени на Месечината, очигледно би било корисно за идните доселеници на Месечината, како за дишење, така и за локално производство на ракетно гориво“, објаснува Ломакс во својата изјава.
Тие користат процес наречен електролиза на растопени соли за да извлечат кислород од лунарната прашина. Во овој процес, реголитот се загрева на 950 Целзиусови степени, во присуство на растопен калциум хлорид како електролит. Реголитот останува цврст дури и на оваа температура. Потоа, кога струјата поминува низ неа, атомите на кислород се придвижуваат и се собираат на анодата (слика 2).
При овој процес се добиваат метални легури како нуспроизвод. Двајцата истражувачи исто така разгледуваат методи преку кои овие легури ќе можат да се користат додека се наоѓаат на површината на Месечината.
Крајната цел на научниците на ESTEC би била да се дизајнира пилот фабрика која ќе може одржливо да функционира на Месечината, а првата презентација на технологијата се очекува кон средината на 2020-тите. Уред како што е овој ќе им олесни на идните лунарни истражувачи и колонисти да дишат додека се таму (слика 3).