Рубрика: Индустриски дизајн
3Д-модели: Визири и маски за заштита од Ковид-19
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 02.04.2020 - 22:00

Во последните неколку дена, среде пандемијата на Covid19, ja согледавме извонредната моќ на технологијата. Соочувајќи се лице в лице со недостатокот на медицински материјали, многу истражувачки центри и прототипни студија од Мaкедонија, користејќи ја технологијата на 3Д-печатење, активно се вклучија во помагање на медицинскиот персонал во оваа борба. Таков е примерот и со Центарот за управување со знаење од Скопје.

Центарот има мало, добро опремено прототипно студио кое беше финансирано од Интеррег балканско медитеранската програма на Европската Унија во рамките на проектот Иноплатформа во 2018 година. Тимот на Центарот веднаш се нафати на предизвикот и тестираше неколку прототипни дизајни на маски и визири кои би биле добри за нашиот медицински персонал.

Најпрвин фокусот беше ставен на држачите за визири. Беа отпечатени два типа на визири, но по разговор со медицинските лица, нашиот тим работеше на подобрување на првиот прототипен модел, бидeјќи тој овозможува подобра заштита. Во исто време работевме и на печатење и подобрување на веќе постоечки дизајн на маска која е модифицирана верзија на N95. Така добивме интересна комбинација (Слика 1 и 2). Најголемата предност на овој 3Д испечатен комплет е тоа што не е само за една употреба. Визирот може да се извади и лесно да се дезинфицира, маската за лице исто така, додека како филтер се поставува  памучна подлога (памучно перниче за лице) во нејзиниот заоблен дел. Тој се менува на дневна основа и оневозможува вирусот да дојде до корисникот.

Материјалот што се користи во создавање на овие производи е PLA (полилактична киселина). Тоа е биоразградлива термопластика која е изведена од обновливи извори како што се пченкарно брашно, шеќерна трска, корен од тапиока, па дури и скроб од компир. Ова ја прави PLA најеколошко решение, но исто така е најдобриот материјал за 3Д-печатење, земајќи ги предвид неговото високо ниво на еластичност и нетоксичност. PLA исто така се користи и во пакувања на храна, торби, производи за хигиена итн., па според тоа е мошне безбедна. Еластичноста на овој комплет, особено на маската е постигната преку мали воздушни отвори кои се поставени со печатење, кои не може да се постигнат со ниеден друг вид на обработка. Затоа, во овој момент, предизвик е да се организира друг тип на производство. Во исто време, пак, трајноста на производот е многу повисока во споредба со другите материјали што се користат за оваа намена.  Може да се користи со години и да се минимизира медицинскиот отпад.

   Самата маска е приспособлива на лицето што ја носи, но сепак, најголемиот недостаток е тоа што сè уште е потребна работа на нејзината големина. Моментално, настрана адаптабилноста, маската не може да се прави во една димензија. Земајќи го ова предвид, во блиска иднина се очекува да се работи на создавање 3 универзални величини: S (мала), M (средна) и L (голема).

Во изминатите пет дена, Центарот за управување со знаење во својата е-лаб отпечати околу 20-ина визири и маски кои беа донирани преку Хуманитарни акции Македонија, на нашите здравствени работници. Поради својот квалитет, овие производи беа селектирани за користење во Инфективната клиника Скопје (Слика 3).

Центарот за управување со знаење е истражувачки центар формиран во 2008 година, со цел да ги зајакне да ги подобри процесите на управување со знаење во сите општествени области во Република Македонија и регионот на ЈИЕ. Центарот покрива широка палета на активности кои се спроведуваат во соработка со граѓанскиот сектор, државните институции и деловната заедница. Визијата на Центарот е да прерасне во активен учесник во институционалниот и економскиот развој на земјата и на регионот.

Клучни зборови: