Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 2.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 02.04.2020 - 14:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

2.4.1995 – Починал познатиот математичар Драгослав Митриновиќ

Драгослав Митриновиќ е еден од најпознатите српски математичари од поновото време. Роден е на 23.06.1908 година во Смедерово. Член е на МАНУ (1991) надвор од работниот состав и редовен професор на Електротехничкиот факултет во Белград од 1956 година. Во 1932 година завршил студии по математика како најдобар студент, а докторирал во 1933 на Филозофскиот факултет во Белград, со тезата “Истражување за една важна диференцијална равенка од прв ред“. До 1946 година работел како професор во гимназија, а во ноември 1946 од матичната комисија на Филозофскиот факултет бил именуван за вонреден професор. Од 1951 година е вонреден, а од 1956 година е редовен професор на Електротехничкиот факултет во Белград. Тој е основоположник на математичкиот институт и на високошколската настава по математика во Македонија и автор на голем број научни трудови и универзитетски учебници. (Т. С.)

 

2.4.1934 – Роден е Ричард Портман

Ричард Портман (Richard Portman, 1934 – 2017) бил американски инженер на звук. Во филмската индустрија влегол 1957 година, како приправник во Columbia Pictures. Потоа, се приклучил во редовите професионалци за снимање звук кои работат за компании како Студијата на Волт Дизни (Walt Disney Studios), РЦА (RCA), Рајдер Саунд Услуги (Ryder Sound Services) и Телевизиските Студија Зив (Ziv Television Studios). Во 1981 година Портман формирал своја, независна компанија за дизајн на звук – Portomatic Sound Effects, Inc. Во овој период тој внел целосно нов пристап во снимањето на звукот и пост-продукцијата и бил првиот во Холивуд кој некогаш работел цел игран филм самиот.

Во 1978 година добил Оскар од Американската филмска академија, во категоријата за најдобар звук, за филмот “Ловец на елени”. Има освоено награда и од Британската академија за најдобар звук за “Нешвил” на режисерот Роберт Алтман.

Во истата категорија бил номиниран единаесет пати (Kotch во 1971, The Godfather во 1972, The Candidate во 1972, Paper Moon во 1973, The Day of the Dolphin во 1973, Young Frankenstein во 1974, Funny Lady во 1975, Star Wars во 1977, Coal Miner’s Daughter во 1980, On Golden Pond во 1981, The River во 1984). Во периодот од 1963 до 2004 година, работел на повеќе од 160 филмови. Портман подоцна предавал на Државниот универзитет во Флорида. (Д. М.)

 

2.4.1980 – MIcrosoft ја пушти во продажба SoftCard

Z-80 SoftCard, подоцна преименувана во Microsoft SoftCard е дополнителна, plug-in ко-процесорска картичка развиена од Microsoft, со цел да им се овозможи на корисниците на Apple II пристап кон бизнис апликации, како на пример компајлери и интерпретери кои не се компатибилни со Apple хардверот. Со оваа картичка се овозможи Apple II да стартува и работи под  CP/M(*) оперативниот систем, во тоа време оперативен систем за бизнис софтвер.
СР/М беше лесно адаптивен кон широк спектар на периферен хардвер и помошни чипови кои побаруваа Intel 8080 компатибилни чипови, каков што е Zilog Z80, вграден на SoftCard. MOS Technology 6502 на Apple не беше компатибилен. За да се адаптира Zilog Z80 на Apple собирницата (BUS) на плочката беа вградени 74LS00 TTL чипови.

Картичката беше претставена на саемот на West Coat Computer во Март 1980, а беше пуштена во продажба на денешен ден, 2.4.1980, по цена од 349 US$ (денешни 1000 $). Во првите три месеци беа продадени околу 5000 примероци, што во тоа време се сметаше за голем успех.
SoftCard остана најуспешниот производ на Microsoft сè до 1983, кога беше претставено првото компјутерско глувче. 
(З. И.)

 

2.4.1845 – Направена е првата фотографија на Сонцето

Француските физичари Иполит Физо (Hippolyte Fizeau) и Леон Фуко (Léon Foucault) ја направија првата успешна фотографија на Сонцето, употребувајќи ја релативно новата фотографска техника, дагеротипијата.

Нивната фотографија го прикажува Сонцето со остри рабови, но “фаќа” и неколку групи сончеви дамки, како и повеќе други, интересни детали. Сончевите дамки се прилично големи, речиси со големина на Јупитер.

Фотографијата за првпат овозможи еден сосема нов поглед кон Сонцето, дотогаш недостапен за повеќето луѓе. Вообичаено, Сонцето е пресветло и директното набљудување дотогаш било речиси невозможно, со оглед на тоа што предизвикува оштетување на видот на набљудувачот. Интересно е што оваа прва фотографија на Сонцето е направена само 5 години по првата фотографија на Месечината, којашто на 23 март 1840 година ја направил хемичарот Џон Дрејпер (John Draper). (Н. С.)

 

2.4.1841 – Роден е Клеман Адер

Клеман Адер (Clément Ader, 1841 – 1925) е француски воен инженер и пронаоѓач, познат по тоа што со неговиот авион наречен Еол (Éole), го направил првиот погонуван лет, постигнувајќи висина од 20 сантиметри и домет од 50 метри. Подвигот бил изведен на 9 октомври 1890 година, цели 13 години пред славниот лет на браќата Рајт. Авионот на Адер, којшто ја имитирал формата на лилјак, бил опремен со парен мотор со 20 КС. Подоцна тој конструирал и втор авион, тежок 400 kg, опремен со два парни моторa од по 20 КС, со којшто успеал вo 1897 година, пред очите на воената комисија, да прелета цели 300 метри. Но, неговите авиони немале контроли за правец, а и парниот погон се покажал како слепа улица на развојот, барем кај авионите. Сепак, неговиот неспорен придонес во развојот на аеронаутиката му го донел називот татко на воздухопловството.

Клемен Адлер го подобрил дизајнот на телефонот на Александар Бел и го остварил првиот телефонски разговор во Париз. Тој конструирал уред за испраќање стереозвук преку телефонските линии, пренесувајќи ја, за првпат во историјата, изведбата на француската опера со стереозвук на друга локација, оддалечена околу 3 километри. (Н. С.)

 

(*)CP/M – Control Program/Monitor, подоцна Control Program for Microcomputers е оперативен систем за масовниот пазар. Креиран е во 1974 година, за Intel 8080/85-базираните микрокомпјутери. На почетокот беше ограничен за 8 bit-ни процесори, single tasking и не повеќе од 64 килобајти меморија, а подоцнежните беа оптимизирани за multitasking и 16 bit-ни процесори.

Клучни зборови:
Драгослав Мартиновиќ

Драгослав Мартиновиќ

Драгослав Мартиновиќ

Драгослав Мартиновиќ

Ричард Портман со еден од освоените Оскари

Ричард Портман со еден од освоените Оскари

Ричард Портман во работно опкружување

Ричард Портман во работно опкружување

Ѕвездени војни и Кум се два од многуте филмови на коишто работел Портман

Ѕвездени војни и Кум се дел од многуте филмови на коишто работел Портман

Вака изгледаше Z80 SoftCard од Мајкрософт

Вака изгледа(ше) Z80 SoftCard од Мајкрософт

Првата успешна фотографија на Сонцето направена со примена на дагеротипија

Првата успешна фотографија на Сонцето направена со примена на дагеротипија

Клеман Адер

Клеман Адер

Скица од првиот авион, воопшто

Скица од првиот авион, воопшто

Прототип на Авион 3 – еден од подоцнежните модели на Адер

Прототип на Авион 3 – еден од подоцнежните модели на Адер