Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 1.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.04.2020 - 18:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

1.4.1985 – Починал Ристо Галиќ, познат македонски архитект

Интересна е професионалната биографија на Ристо Галиќ. Роден е на 25.5.1925 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград, во 1951 година. Магистрирал на Економскиот факултет во Скопје во 1973 година и докторирал на Архитектонскиот факултет во Белград во 1976 година. Редовен професор е на Архитектонскиот факултет во Белград по предметот Урбано зонирање. Се занимавал со урбанистичко и архитектонско проектирање и со научно-истражувачка работа, и го издал учебникот “Урбано зонирање“. Неговата активност доаѓа до полн израз по катастрофалниот земјотрес во Скопје (1963), при изработка на новиот урбанистички план на градот Скопје. Бил активен на полето на публицистиката и објавил повеќе статии во стручни списанија. Бил директор на Заводот за урбанизам од 1960 до 1974 година. Бил именуван за член на Извршниот совет на собранието на СРМ (1982) и за претседател на Републичкиот комитет за урбанизам и заштита на човековата околина. Позначајни проекти: урбанистички решенија за повеќе населби во Скопје: Маџари (1952 и 1962), Кисела Вода (1954), Гази Баба (1955), Чаир и Топаана (1958). Работел на изработката на просторниот план на регионот Источна Македонија, на просторниот план на Општината Велес, како и на просторниот план на СРМ. (Т. С.)

 

1.4.1960 – Лансиран е првиот метеоролошки сателит

На денешен ден, пред точно 60 години, Министерството за одбрана на САД го лансира сателитот ТИРОС 1, опремен со камера и инструменти за набљудување во инфрацрвеното зрачно подрачје. Сателитот стана првиот воопшто лансиран метео-сателит, но и прв сателит којшто пренесувал телевизиски сигнали од вселената. Сателитот бил во функција 78 дена. (Н. С.)

 

1.4.1968 – Почина Лев Давидович Ландау

Лев Давидович Ландау (1908 – 1968) е главен двигател на советската теоретска физика и централна фигура во развојот на квантната електродинамика.

Во неколкуте години пред Втората светска војна, тој интензивно студирал во повеќе европски научни центри, запознавајќи ги повеќето од водечките физичари од тоа време, пионери во областа на квантната механика. На 22-годишна возраст ја објави својата теорија за дијамагнетизмот на електроните кај металите.

Ландау се вратил во Советскиот Сојуз каде што ја создал една од најригорозните школи на теоретска физика во светот. Издал мноштво трудови во повеќе области од физиката – квантната механика, релативистичката квантна теорија, теоријата на поле, термодинамиката и физиката на цврсти тела. Неговото истражување во доменот на физиката на ниски температури и неговата теорија којашто се однесува на суперфлуидноста на хелиум-II, ќе му ја донесат Нобеловата награда за физика во 1962 година. Неговата теорија покажа дека течниот хелиум, изладен на речиси апсолутна нула (2,17 К) станува “суперфлуид“, при што вискозноста и топлинската спроводливост стануваат еднакви на нула.

Ландауовата школа, како што е нарекуван Одделот за теоретска физика којшто Ландау го водел во Харков, Украина, била позната по строгите критериуми за упис. За да се биде прифатен како студент на овој оддел, кандидатот за прием требало да помине сеопфатна серија испити, наречени Теоретски минимум. Кандидатите морале солидно да го владеат англискиот и германскиот јазик, два јазика на коишто биле објавувани повеќето теоретски трудови од областа на физиката. Кога некој студент се пријавувал да полага испит, му се јавувал на д-р Ландау, кој испитот го закажувал во сопствениот стан. Кога студентот ќе пристигнел, тој ги оставал сите работи во една просторија, по што бил сместуван во друга просторија, опремена само со маса и хартија. Ландау усно го задавал проблемот, по што ја напуштал собата и на секои 20 минути се враќал за да го провери напредокот на кандидатот. Ако Ландау не изустел ништо, тоа било знак дека работите се одвиваат добро. Но, ако се слушнеле каков и да е звук, како на пример “хм“, студентот веројатно требало да го преиспита својот мисловен процес. Секој испит се состоел од само два или три проблеми. Можеби токму поради овие строги критериуми, во периодот меѓу 1934 и 1961 година, само 43 студенти го положиле овој испит.

Кариерата на Ландау завршила ненадејно, во 1962 година, кога доживеал сообраќајна несреќа поради којашто останал во кома два месеца. Иако по несреќата тој се опоравил од телесните повреди, ја загубил својата ментална креативност и повеќе не се вратил на работа. (Н. С.)

Клучни зборови:
Ристо Галиќ

Ристо Галиќ

Сателитот ТИРОС

Сателитот ТИРОС

Магнетната лента за запис на податоците на сателитот ТИРОС

Магнетната лента за запис на податоците на сателитот ТИРОС

Лев Давидович Ландау

Лев Давидович Ландау

Фотографија на Ландау направена од советското НКВД во Лјубјанка

Фотографија на Ландау направена од советското НКВД во Лјубјанка