Во зенитот на пандемијата на Ковид-19 се создаде недостиг од вентилатори во болниците насекаде низ светот. За жал, овие машини, коишто ги одржуваат критичните пациенти во живот, впумпувајќи им го потребниот кислород во белите дробови, се прилично скапи – само еден вентилатор чини околу 30 000 американски долари.
Оваа итна ситуација ги поттикна инженерите, лекарите, физичарите и сите други научници во светот да се обидат да најдат решение коешто ќе биде поевтино и што ќе може брзо да се произведе и да се примени. Токму вакво е решението коешто го предлагаат научниците од МИТ универзитетот (Massachusetts Institute of Technology).
Пристапот на тимот MIT E-Vent (од emergency ventilator) е да се искористат дел од веќепостоечките болнички ресурси во комбинација со евтино технолошко решение. Тие успеаја да дизајнираат брзо склопливо решение, направено со делови кои во збир чинат околу 100 американски долари по примерок. Решението е објавено пред 10 години, во научен труд којшто обезбедува детали за дизајнот и тестирањето, но за жал, за практична реализација на оваа идеја се чекаше подолго време.
Инженерите од МИТ се решиле за основа да го искористат балонот за давање вештачко дишење при реанимација, со којшто по интубацијата, рачно, со стискање, во белите дробови на пациентот се впумпува воздух. Се работи за ресурс со којшто современите болници располагаат во изобилство. Идејата е да се автоматизира овој процес, што ќе овозможи пренамена на овие балони како вентилатори.
Клучно за овој систем да функционира како што треба е контрола на притисокот врз балонот, за да не дојде до оштетување, и, што е уште побитно, воспоставување строга контрола на количината воздух којашто ќе биде впумпувана во белите дробови на пациентот, зависно од неговите потреби. Работата на ваквиот уред треба да биде беспрекорна, затоа што каков било застој би имал фатални последици, иако во нужда, при отказ на системот, пумпањето на балонот во кое било време може да го преземе и продолжи некој од болничкиот персонал.
Имајќи предвид дека ваквата вест може да поттикне низа домашни иноватори и ентузијасти за изработка на сопствени решенија, од МИТ предупредуваат дека се работи за уред којшто треба да издржи огромно оптоварување, бидејќи за двонеделно одржување во живот на еден пациент уредот треба беспрекорно да изврши околу 1 милион циклуси. За да се избегнат импровизации, сите информации за овој проект МИТ ги направи достапни на нивниот сајт e-vent.mit.edu, бесплатно, а исто така се достапни за контакт за дополнителни информации и прашања. Пред да смеат да се користат, ваквите медицински апарати подлежат на многу строга контрола од надлежните институции, кои дури по соодветни, детални тестирања можат да дадат дозвола за нивно користење.