Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 27.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 27.03.2020 - 16:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

27.3.1967 – Починал Јарослав Хејровски, чешки хемичар

Јарослав Хејровски (Jaroslav Heyrovsky) роден е во Прага, во 1890 година, како петто дете на Леополд, кој бил професор по римско право на Карловиот универзитет во Прага. Во 1909 година Јарослав започнува со студии по хемија, физика и математика на Карловиот универзитет во Прага. Од 1910 до 1914 година продолжил да студира во Лондон, кај прочуени професори. Посебен интерес покажувал во текот на студирањето за проблемите околу електрохемијата. Во текот на Првата светска војна работел во војна болница, како лекар, што му овозможило продолжување на студиите во Прага, а дипломирал во Лондон во 1921 година. Потоа градел универзитетска кариера на Институтот за аналитичка хемија во Прага и држел предавања по физика и хемија.

Негов средишен интерес кој не го напуштал во текот на целиот живот, била електрохемијата. Во 1922 година го изумил поларографскиот метод. Ја основал школата на чешките поларографи, во која и бил ангажиран. (Т. С.)

 

27.3.1845 – Роден е Вилхелм Рентген

Вилхелм Рентген  (Wilhelm Röntgen) е германски физичар, најпознат по откритието на рентгентските зраци, или како што тој ги нарече “x-зраци”. Откритието ќе му ја донесе Нобеловата награда за физика во 1901 година.

Откритието било направено при неговите истражувања на катодните (електронски) зраци кај електронските лампи.  Тој го покрил неговиот уред со слој од непроѕирен црн материјал и додека работел во темнина, забележал флуорецентен сјај којшто не можел да потекнува од катодните зраци. Тој открил дека сјајот потекнувал од нов вид енергетско зрачење, коешто тој го нарекол x-зрачење, со цел да го истакне неговото непознато потекло.

Рентген забележал и дека доколку неговата рака ја изложи на овие зраци пред флуоресцентен екран, можел да ја види сликата на неговите коски заокружена со линијата на кожата. При експериментите, во коишто му помагала и неговата жена, тој го заменил флуоресцентниот екран со фотографска плоча, креирајќи ја на овој начин првата рентгенска снимка. Снимката, на којашто се видливи четири од прстите на г-ѓа Рентген и нејзиниот венчален прстен, означи почеток на нова ера во медицината.

Во чест на Рентген и неговите достигнувања, во 2004 година елементот 111 беше именуван како рентгениум. (Н. С.)

 

27.3.1923 – Почина Џејмс Дјуар

Џејмс Дјуар (James Dewar, 1842 – 1923) е шкотски хемичар и физичар, познат како пронаоѓач на дуваровото шише. Дјуаровото шише има двоен ѕид, при што просторот меѓу ѕидовите е “исполнет” со вакуум. Овој вид шишиња подоцна ќе се продава под трговскот име, коешто сите добро го знаеме и познаваме, – термос.

Дјуар направил повеќе научни достигнувања при неговите проучувања на ниските температури. Меѓу другото, тој создал и уред за добивање на течен кислород. (Н. С.)

 

27.3.1968 – Погина Јуриј Гагарин

Јуриј Алексеевич Гагарин (Ю́рий Алексе́евич Гага́рин) е првиот човек што се вивна во вселената и ја заобиколи земјината топка во нејзината орбита.

На 27 март 1968 година авионот МиГ-15УТИ, којшто го пилотира Гагарин заедно со неговиот инструктор Владимир Серјегин, се руши при рутински лет во близина на градот Киржач. Точната причина за падот на нивниот авион долго време била официјално непозната, иако во тоа време биле направени три независни истраги за несреќата – од страна на Руското воздухопловство, од КГБ и од страна на официјалната владина комискија. Извештајот од КГБ, којшто станал јавен во март 2003 година како главни виновници за несреќата ги посочува персоналот од воената база, којшто им дал на Гагарин и Серјегин застарени податоци за временските услови, коишто при тој лет биле значајно полоши. Исто така, земскиот персонал ги оставил дополнителните надворешни резервоари закачени за леталото, што било во спротивност со планираните активности на екипажот. Истрагата открила дека авионот влегол во неконтролиран ковит, поради нагло менување на првецот што било последица или од удар на птица или од обид да се избегне судар со друг авион. Поради застарениот метео извештај, екипажот верувал дека се наоѓа на поголема висина од реалната и не успеале соодветно да реагираат за да го извадат авионот од неконтролираното вртење.

Јуриј Гагарин и Владимир Серјегин се кремирани, а нивната пепел положена  во ѕидот на Кремљ на Црвениот Плоштад во Москва. (Н. С.)

 

27.3.1982 – Pac-Man песна

Снимена во декември 1981 година, песната Pac-Man Fever, дело на Џери Бакнер и Гери Гарсија, стигнува на 9 место од Билбордовата Топ100 листа. Секоја песна од албумот Pac Man е создадена за различна видеоигра и е објавена како ЛП албум, касета, а потоа подоцна и како ЦД. (И. З.)

Клучни зборови:
Јарослав Хејровски

Јарослав Хејровски

Вилхелм Рентген

Вилхелм Рентген

Првата рентгенска снимка

Првата рентгенска снимка

Џејмс Дјуар

Џејмс Дјуар

Џејмс Дјуар и она што ќе стане познато како термос

Џејмс Дјуар и она што ќе стане познато како термос 

Јуриј Гагарин

Јуриј Гагарин

Погребната поворка на Црвениот плоштад

Погребната поворка на Црвениот плоштад

Последното почивалиште на Јуриј Гагарин

Последното почивалиште на Јуриј Гагарин

Изгледот на синглот Pac-Man Fever

Изгледот на синглот Pac-Man Fever