Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 26.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.03.2020 - 14:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

26.3.1859 – Роден е Адолф Хурвиц, германски математичар

Адолф Хурвиц (Adolf Hurwitz) е роден во Хилдесхејм, во тогашното кралство Хановер, во еврејска фамилија. Уште од млади години покажал интерес за математиката и неговиот учител му предложил на татко му да го пушти да студира математика, што и се случило со крајни финансиски напори од родителите и пријателите. Така, на 18 години ги започнал студиите на Универзитетот во Минхен. Докторатот го работел во Лајпциг, на тема Елиптички модуларни функции. Потоа кариерата ја продолжил како Универзитетски професор, за на крајот да се пензионира од престижното место на професор на прочуената Политехника во Цирих.

Посебен интерес му биле Римановата површинска теорија, која ја искористил да докаже многу темелни алгебарски криви. Се интересирал и за теоријата на броевите. Ја проучувал теоријата за максималниот ред (кватериони). Покажал интерес и истражувал на полето на теоријата на управувачките системи и динамичките системи, каде што го вовел критериумот за стабилност на системот. (Т. С.)

 

26.03.1996 – Почина Дејвид Пакард

По неколку неделно боледување, на денешен ден во 1996 година, почина со-основачот на HP, Дејвид Пакард. Заедно со пријателот дипломец од Стенфорд, Бил Хјулит, го основал Hewlett-Packard во една гаража во Пало Алто, поттикнувајќи го развојот на она што подоцна ќе стане познато во целиот свет како Силиконска Долина. Првиот производ на НР беше осцилатор – Волт Дизни користеше осум такви во неговиот револуционерен филм “Фантазија“.
Во текот на наредните години и децении, Hewlett-Packard ќе стане светски познато име на полето на домашните компјутери, печатачи, калкулатори, додатоци и опрема за тестирање. (З. И.)

 

26.3.1951 – Роден е Карл Виман

Карл Виман (Carl Wieman) е американски физичар, кој во соработка со Ерик Алин Корнел (Eric Allin) успева да го добие Бозе-Ајнштајновиот кондензат. За ова достигнување во 2001 година им припаднаа 2/3 од Нобеловата награда за физика.

Виман во моментов работи на подобрување на начините на коишто науката им се приближува и им се предава на младите ученици и студенти. (Н. С.)

 

26.3.1938 – Роден е Ентони Легет

Ентони Џејмс Легет (Anthony James Leggett) е британски физичар познат по неговите достигнувања во доменот на физиката на ниски температури. Тој ги постави основите за теориите на макроскопските квантни ефекти за разбирање на суперфлуидноста на хелиумот. За оваа негова работа, во 2003 година му беше врачена Нобеловата награда за физика.

Легет ги истражува и другите квантни ефекти во услови на ниски температури како што се суперспроводливоста и Бозе-Ајнштајновите кондензати. (Н. С.)

 

26.3.1916 – Роден е Кристијан Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен, помладиот (Christian Boehmer Anfinsen, Jr.) е американски биохемичар којшто во 1972 година ја добива Нобеловата награда за хемија за неговото истражување на рибонуклеазата и на аминокиселинските секвенци. Тој успеал да ја препознае врската помеѓу молекуларната структура на рибонуклеазата и нејзината биолошка функција. (Н. С.)

Клучни зборови:
Адолф Хурвиц

Адолф Хурвиц

Дејвид Пакард

Дејвид Пакард

Дуото Хјулит-Пакард коишто го создадоа еден од гигантите на информатичката индустрија

Дуото Хјулит-Пакард коишто го создадоа еден од гигантите на информатичката индустрија

Карл Виман

Карл Виман

Ентони Легет

Ентони Легет

Кристијан Бемер Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен

Кристијан Бемер Анфинсен