Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 25.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 25.03.2020 - 17:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

25.3. 1933 – Роден е Лазар Србиновски, македонски медицинар

На денешен ден во 1933, роден е Лазар Србиновски во село Љубојно, Преспанско. Тој е познат специјалист интернист, кардиолог и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Доајен и основоположник на македонската кардиологија. Ја основа првата коронарна единица во Македонија и е долгогодишен директор на Клиниката за кардиологија. Прв во Македонија почнал имплантација на пејсмејкери, прв почнал со електрична стимулација на срцето, дефибрилација и кардиоверзија. Бил и член на Катедрата по интерна медицина. Ја изградил и современо ја опремил Клиниката за кардиологија во Скопје. Автор е на голем број стручни и научни трудови и организатор на голем број домашни и интернационални симпозиуми и конгрес(и) по кардиологија. По пензионирањето отворил приватна Кардиолошка клиника. Починал на 76-годишна возраст. (Т. С.)

 

25.3.1959 – Пуштен во работа 500 W среднобранов предавател во Титов Велес

Ова е почеток на работата на локалната радиостаница во Велес со редовна програма (од 16 до 18 часот) најпрво во рамките на Народна техника, а потоа под покровителство на Општинскиот одбор на Социјалистичкиот Сојуз. Официјалното формирање како локална Радиостаница Титов Велес е дури во 1964 година, по добивањето дозвола за работа од  страна на Секретаријатот за сообраќај и врски на Југославија, под број 1173/I од 16.1.1960 година, на фреквенција од 1481 KHz (бранова должина од 202,6 m) 

Иницијативата за создавање на АМ предавател и радиостаница дошла од неколку млади аматери членови на Радио-клубот при Народната техника – Титов Велес (Благој Арсов, Петре Трајков и други). Со големи тешкотии, заради набавката на материјалите, конструирале најпрво мал предавател од 50 W, кој го промовирале со пренос од свеченото прославување на Први мај 1958 година. Потоа експериментално емитувале главно музичка програма. Наредната година, со материјална и финансиска помош од некои работни и општествени организации конструирале посилен предавател од 500 W. (Д. М.)

 

25.3.1994 – Microsoft Excel 4.0

Мајкрософт го пушти во продажба Excel 4.0. Microsoft Excel е програма наменета за табеларни пресметки, развиена од Microsoft, дел од неговиот Office пакет за Windows, macOS, Android и iOS. Се одликува со голем број можности за пресметки, графички алатки, стожерни табели, а во рамките на програмата може да се употреби и јазикот за макро-програмирање, Visual Basic за апликации.

Програмата наиде на добар прием кај корисниците и стана нашироко користена, особено по верзијата 5.0 којашто излезе 1993 година и во целост ја замени дотогаш користената програма Лотус 1-2-3, како индустриски стандард за табеларни пресметки. (И. З.)

 

25.3.1951 – За првпат детектирана водородната линија од 21 cm

Астрономите од Универзитетот Харвард, Едвард Парсел (Edward Purcell) и Херолд Јуан (Harold Ewen) први ја детектираат  21 cm теоретска радиоспектрална линија на водородот од Млечниот Пат.

Теоријата предвидуваше емитирање спектрална линија со бранова должина од 21 cm којашто се создава при транзицијата помеѓу две суперфини нивоа на основната состојба на водородот, како резултат на промена на спиност на електронот што кружи околу јадрото (т.е протонот) на водородот. Фотоните со оваа бранова должина лесно продираат низ деловите на меѓузвездените пространства исполнети со космичка прашина, која инаку го блокира видливиот дел од спектарот емитиран од ѕвездите и глаксиите. Така астрономите добиле моќна алатка за набљудување на вселената со помош на радиотелескопите. Со мерење на интензитетот и црвеното поместување на оваа линија, со голема точност може да се измерат позицијата на ѕвездите во вселената и векторот на брзина. Подоцна направените мапирања коишто ги користат овие податоци ја утврдија спиралната структура на Млечниот Пат. (Н. С.)

 

25.3.1655 – Откриена е Сатурновата месечина Титан

Најголемата месечина на планетата Сатурн, првпат ја забележал холандскиот астроном Кристијан Хајгенс (Christiaan Huygens). Титан е 1,5 пати поголем од нашата Месечина и има приближно иста големина како и планетата Меркур. Оваа Сатурнова месечина има сопствена атмосфера којашто се состои во најголем дел од азот (97%) и метан (2,7%). Хајгенс го именува новооткриениот објект како Saturni Luna, односно Месечината на Сатурн.

Кога во 1673 година астрономот Џовани Доменико Касини (Giovanni Domenico Cassini) ќе открие уште четири месечини во орбитата на Сатурн, оваа месечина го менува името најнапред во Сатурн 2, па подоцна во Сатурн 4. Бројката продолжила да се менува со откритието на другите месечини сè дури Џон Хершел (John Herschel) не ги именувал новооткриените објекти според имињата на титаните од грчката митологија. (Н. С.)

Клучни зборови:
Лазар Србиновски

Лазар Србиновски

Изглед на објектот на радио Велес

Изглед на подоцнежниот објект на радио Велес, даден на прегледникот од 1969 година

Насловната страница од Прегледникот испечатен по повод 10 години од работата на Радио Велес

Насловната страница од Прегледникот испечатен по повод 10 години од работата на Радио Велес

Титан снимен од камерите на сондата Касини

Титан снимен од камерите на сондата Касини (фото. НАСА)

Microsoft Excel 4.0 како дел од офис пакетот

Microsoft Excel 4.0 како дел од офис пакетот

Изглед на работното опкружување во MS Excel 4.0

Изглед на работното опкружување во MS Excel 4.0