Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 24.3.2020
Објавено на 24.03.2020 - 12:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

24.3.1494Роден е Георг Агрикола, германски научник

Георг Агрикола (Georgius Agricola) бил германски хуманистички научник, проучувач на минералите и металург. Роден е како Георг Пауер/ Георг Бауер во малото градче Глахау  во Саксонија. Имал солидно општо образование. Особен интерес покажал кон минералите, експлоатацијата на минералите и нивната обработка. Во своето прочуено дело De re metallica libri XII, објавено во 1556 година (две години по неговата смрт) направил општ и систематски преглед и студија на сите дотогаш достапни сознанија кои се однесуваат за рударството, рударската наука и металургијата. Ова било капитално дело кое дало огромен поттик и напредок во делот на користењето на минералните суровини. Два века било основен учебник и прирачник за инженерите и научниците кои се занимавале со оваа проблематика. Многу индикативен е методот на излагање на фактите во ова дело. Според неговите зборови, тој го објаснува само она што имал прилика да го види и темелно испита со што фактички се поставени темелите на современата објективна наука неколку столетија “предвреме“. Бил филозофски дух со широки познавања и интереси  и не му била природна поделбата на науките и нивното проучување во тесни рамки. Едноставно: неговата исклучително иновативна и сеопшта научна работа, заснована на нови и прецизни методи на спознавање како и производство и контрола кога се зафаќал и во тие сфери на човековото делување му обезбедиле големо меѓународно признание и почит сé  до денешни дни. (Т. С.)

 

24.3.1956 – Почина Вилием Кeсом

Вилием Хендрик Кесом е холански физичар, познат по тоа што прв успеал да добие хелиум во цврста агрегатна состојба.

Како што се лади, гасот хелиум покажува некои чудни особености. Тој се претвора во течност на температура од –269°C (4,2К). Пред Кисон, еден друг холандски физичар,Хајке Камерлинг Онс, прикажа техника за ладење којашто овозможува добивање на многу ниски температури, и тој прв успева да добие хелиум во течна форма, по што ја открива суперспроводливоста, работа за којашто ќе му биде врачена Нобеловата награда во 1913 година. Онс ја отворил неговата лабораторија за сите научници коишто сакале да ги проучуваат ниските температури.

Кесом ја започнал неговата работа во лабораторијата на Онс во Лајден и продолжил да постигнува сè пониски температури, на крај постигнувајќи добивање на хелиум во цврста агрегатна состојба. При неговите експерименти тој открил дека течниот хелиум, на температура од 2,17К специфичната топлина нагло расне, густината се намалува додека дел од вискозноста на течноста има вредност 0. Оваа точка на чудно однесување е позната како λ (ламбда) точка. Течниот хелиум чијашто вискозност има вредност нула се нарекува суперфлуид.

Кесом продолжил со обидите да ја намали температурата со цел на добивање цврст хелиум, но ова било невозможно да се постигне при нормален атмосферски притисок. Кесом ја изложил течноста на притисок од 25 атмосфери при што конечно успеал да добие хелиум во цврста агрегатна состојба.

Кесом е познат и по неговиот математички опис на интеракцијата дипол-дипол, подоцна позната како Кесомова интеракција. (Н. С.)

 

24.3.1889 – Починал Франс Корнелис Дондерс

Дондерс е холандски лекар, пионер во областа на офталмологијата. Тој ја открил причината за кусогледост, далекувидост и астигматизам. Дондерс го вовел користењето на призматски и цилиндрични стакла за корекција на астигматизмот.

На Дондерс му се припишува и изведувањето на еден од првите експерименти во областа на когнитивната психологија. Тој го прибележувал времето на реакција на луѓето при два вида на стимул. Првиот вид бил едноставно време на реакција, при што испитаникот притискал копче секогаш кога била изложен на светлина. Вториот тест го мерел времето на реакција. Од испитаникот се барало да притисне лево или десно поставени копче, зависно од тоа дали била упалена лева или десна светилка. Тој открил дека времето на проста реакција е побрзо од времето на реакција по којашто се бара да се направи избор. (Н. С.)

Клучни зборови: