Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 23.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 23.03.2020 - 09:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

 

23.3.1912 – Роден е Вернер фон Браун, германски физичар

Роден е во Виржиск, денешна Полска, а тогашна германска покраина. Бил германски ракетен инженер и конструктор на ракетите V-2 (Фау два), со кои во текот на Втората светска војна е бомбардирана Англија. Бил член на Нацистичката партија и СС офицер. Во текот на триесеттите и четириесеттите години на 20 век, Вернер станал централна личност на германската ракетна програма, одговорен за проектирање и реализација на ракети за бомбардирање во Втората светска војна.

По војната, одведен е во САД во рамките на операцијата “Спојка“. Таму раководел со производството на ракетите Редстоун и Јупитер С, со кои во 1958 година е лансиран првиот американски вештачки сателит Експлорер 1.

Освен за лансирање на првите американски сателити, ракетите на фон Браун беа употребувани во програмата Аполо, за осовојување на Месечината од страна на човекот.

Умира на 16 јуни, 1977 година, од рак на дебелото црево. (Т. С.)

 

23.3.2001 – Вселенската станица МИР навлезе во земјината атмосфера

По 15 години минати во орбитата, голем број спроведени вселенски експерименти и дузина привремени жители, Руската вселенска станица МИР на денешен ден во 2001 година навлезе во земјината атмосфера. Вселенската станица беше контролирано наведувана да ја напушти орбитата, по што беше насочена да навлезе во атмосферата и да се распадне и согори некаде над јужниот дел од Тихиот Океан.

Вселенската станица МИР беше прв ваков објект со долгорочно присуство во вселената. Таа беше проектирана да овозможи услови за живот и работа на екипажите коишто орбитираат околу Земјата. Во почетокот се состоеше од еден единствен модул со седум порти, по што беше постепено надградувана. МИР го држи рекордот од 10 години постојано присуство на човек во неа, на неа беше поставен рекордот и од најдолг престој на еден човек во вселената, а станицата беше домаќин и на првиот вселенски турист. (Н. С.)

 

23.3.1749 – Роден е Пјер Симон Лаплас

Пјер Симон Лаплас (Pierre-Simon Laplace, 1838 – 1827) е француски астроном, физичар и математичар, познат по повеќе научни достигнувања во доменот на математиката и теоријата на веројатноста. Неговото дело „Аналитичка теорија на веројатност“ (Théorie analytique des probabilités), значајно го поттикна развојот на математичката веројатност, но и на статистиката. Тој го пренел проучувањето на класичната механика од областа на геометријата во доменот на калкулусот.

Работел на подрачјето на небесната механика, се занимавал со теоријата на електрицитетот, со капиларноста на течностите и со специфичната топлина на цврстите тела. Познатата Кант-Лапласова небуларна хипотеза за настанокот на Сончевиот систем, во којашто претпоставува дека тој се формирал од облак материја, е објавена во 1798 година. Меѓу другите Лапласови дела се вбројуваат “Небесна механика” и “Преглед на историјата на астрономијата”.

Лапласовата равенка се користи нашироко во проучувањето на електромагнетизмот, квантната механика, гравитацијата, динамиката на флуиди и термодинамиката.

Големината и опсегот на неговите истражувања и достигнувања, го сврстуваат Лаплас во групата најзначајни научници на сите времиња, а многумина го нарекуваат и француски Њутн. (Н. С.)

 

23.3.1928 –  Родена е Џин Самет

Џин Самет (Jean E. Sammet), пионер во областа на информатиката, е родена во Њујорк. Самет ги завршила студиите од областа на математиката на колеџот Маунт Холиокиво 1948 година, а една година подоцна магистрирала на Универзитетот на Илиноис, каде ја започнала својата кариера како професор. Во средината на педесетите години од минатиот век оилнува да работи во индустријата.

Во 1961 година за потребите на IBM го развива првиот нашироко користен компјутерски јазик FORMAC, наменет за за манипулирање со ненумерички алгебарски изрази. Самет е автор на една од класичните истории на програмските јазици “Јазици за програмирање: историја и основи”. 

FORMAC, акроним на FORmula MAnipulation Compiler беше ран компјутерски систем заснован на алгебра на FORTRAN. Бидејќи IBM престана да го поддржува FORMAC и го издаде изворниот код во 1970 година, подоцна се вградени голем број додатоци и подобрувања коишто што го прават FORMAC помоќен и посовремен.

Самет почина на 20.5.2017 година. (И. З.)

Клучни зборови:
Вернер фон Браун

Вернер фон Браун, главниот двигател на американската вселенска програма

Пјер-Симон Лаплас

Пјер-Симон Лаплас

Патеката на контролирано рушење на вселенската станица МИР

Патеката на контролирано рушење на вселенската станица МИР

Делови од вселенската станица МИР согоруваат во атмосферата

Делови од вселенската станица МИР согоруваат во атмосферата

Џин Самет

Џин Самет