За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
20.3.1920 – Испорачан е првиот мотор со 4 вентили
На денешен ден испорачан е првиот мотор со 4 вентили по цилиндар во светот. Тоа е направено со испораката на моделот на Бугати Type 13. И веднаш мора да се нагласи дека тоа е резултат на вечните непомирливи, а извонредно плодни споеви како што се германски талент и инает во техниката (машинството) и француската природна генијалност и елеганција. На што алудирам? По Првата светска војна, Бугати од германска станува француска фирма. Пежо веќе пред војната развивал повеќевентилска технологија, но Бугати во 1920 година ги собира ловориките. Е, тоа се тие неверојатни комбинаторики кои само природата, согласно методот на случајност може да ги направи; и ги прави. Останатото е историја. До средината на триесеттите години Бугати станува, благодарение на оваа технологија, супериорна во автомобилските трки во Европа, освојувајќи секогаш први места. Еден куриозитет: педантните статистичари забележале дека во оваа декада, Бугати на врвот на својата спортска супериорност освојувала дури по 14 тутули во една седмица на трките низ Европа.
И на крајот малку техника. Повеќевентилската техника во моторите со внатрешно согорување овозможува подобро (поцелосно) проветрување на цилиндарот, т.е. подобро полнење со свежа смеса и целосно празнење на цилиндарот во текот на издувувањето, а тоа носи значителна моќ на моторот, во што се гледа клучот за супериорноста на овие мотори во спортските болиди во тоа време. (Т. С.)
20.3.1727 – Починал Исак Њутн
Роден на 26 декември 1642 година, сер Исак Њутн несомнено е еден од најголемите умови на сите времиња, чиј придонес и откритија во математиката, физиката и астрономијата се актуелни и се изучуваат и до ден-денешен, а некои претставувале солидна основна за подоцнежни откритија. Поради ограниченоста на просторот, ќе споменеме само дел од нив.
Експериментирајќи со светлина и стаклена призма, покажал дека белата светлина всушност е составена од спектар на бои со различна бранова должина. Истовремено тој е и првиот кој конструира телескоп – рефлектор.
Неговите 3 закони на движењето се основа на целата наука за механиката и движењата на телата.
Тој бил првиот кој кажал дека Месечината постојано „паѓа“ т.е. орбитира околу Земјата движена од истата сила која го привлекува јаболкото да падне од дрвото на Земјата.
Како математичар, тој има огромни заслуги во развојот на диференцијалната анализа која ја користел во пресметките за своите истражувања, иако веднаш не го објавил своето откритие и потоа имало многу контроверзии кој имал поголем придонес во ова поле.
Негово капитално дело е “Математички принципи на природната философија” за првпат објавена запрвпат во 1687 година, дело во 3 тома кое претставува основа на класичната Њутнова механика од која подоцна се развиени многу нови теории во светот на физиката.
Починал на 20.03.1727 година. (Г. П.)
20.3.1878 – Починал Роберт Мајер
Роберт Мајер, или Јулиус Роберт фон Мајер (Julius Robert von Mayer, 1814 –1878) е германски лекар и физичар, еден од основачите на термодинамиката.
Мајер работел како лекар додека со физиката се занимавак како хоби. Голем дел од неговата работа во областа на физиката се однесува на претворањето на енергијата од една во друга форма. Тој е прв којшто препознал дека билките ја претвораат светлинската енергија во хемиска, како и тоа дека оксидацијата е примарен извор на енергија кај сите живи битија. Пишувајќи “Енергијата ниту се создава ниту се уништива”, тој ја поставува најраната варијанта на она што подоцна ќе стане прв закон на термодинамиката. Мајер развил еден од методите за одредувањето на релативната молекуларна маса на гасови и пареи.
Кога се обидел да ги публикува неговите идеи во 1842 година, наишол на отпор, делумно и заради тоа што како последица на неговиот недостаток од формално образование во областа на физиката во неговите трудови биле присутни некои основни грешки. Работел речиси истовремено со Џејмс Џул (James Joule), кој една година подоцна го објавува неговиот труд каде го опишува зачувувањето на енергијата и механилкиот евивалент на топлината, со којшто го заработува називот “татко на термодинамиката”. Овој неуспех, уследен со смртта на две од неговите деца, во 1851 ќе го фрлат Мајер во тешка депресија поради што ќе помине одреден период во ментална институција, на терапија. По напуштањето на менталната институција, тој почнува одново да објавува трудови и добива признание за неговата работа. Во 1862 година му е признат приоритетот за формулацијата на принципот за одржување на енергијата. Прогласен е за почесен доктор по физика, а добива и германска благородничка титула. (Н. С.)
20.3.1999 – Успешно спроведен првиот нон-стоп лет околу Земјата со балон
Поминувајќи ја паралелата од 9°27’ над Мавританија, Бертранд Пикард и Брајан Џонс станаа првите авијатичари кои со балон ја пропатуваа Земјината топка во нон-стоп лет.
На нивниот успех му претходеа неколку неушни обиди од повеќе други познати авантуристи, вклучувајќи ги британскиот милијардер Ричард Брансон и американецот Стив Фосет. При нивниот лет Пикард и Џонс беа принудени да заобиколуваат повеќе зони на забранети летови, но добивањето дозвола од Кина да прелетаат над нејзиниот јужен дел им овозможи да го искористат џет-стримот над Пацификот, што се покажа клучно за нивниот успех. Балонот беше спуштен следниот ден крај пирамидите во Гиза, во Египет.
Гондолата Брајтлиг Орбитер 3, со којашто беше остварен овој подвиг, подоцна е изложена во Националниот музеј на аеронаутиката и астронаутиката на Смитсонијан во Вашингтон (Д.Ц.), во САД. (Н. С.)