Рубрика: Омнибус
Наслов: Sci-Tech времеплов 14-15.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 14.03.2020 - 16:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

14.3.1879 – Роден е Алберт Ајштајн

Иако веруваме дека знаете за кого се работи, сепак да споменеме Алберт Ајнштајн (Albert Einstein) е германски теоретски физичар со еврејско потекло, татко на Теоријата за релативитетот и кум на Квантната теорија, двата најголеми столба во модерната физика, творец на познатата равенка Е = m·c2, којашто ја дефинира меѓусебноста поврзаност на масата и енергијата. Има објавено повеќе од 300 научни трудови и над 150 публикации во својот живот.

Во 1921 година ја добива Нобеловата награда за физика “за неговата работа на полето на теориската физика, особено за неговото откритие на фотоелектричниот ефект”

За неговата научна дејност имаме објавено повеќе онлајн вести и опширни написи, a подеднакво имаме пишувано и за други работи врзани со него како човек, мудар и духовит, виолинист-ентузијаст, хуманист, со мани и доблести како и сите нас. (сите на куп може да ги најдете тука)

Во 1999 година нобеловецот и генијалниот научник Алберт Ајнштајн беше прогласен за личност на столетието. (Н. С.)

 

14.3.2018 – Почина Стивен Хокинг

Славниот британски физичар и космолог, една од најсветлите ѕвезди во современата научна мисла, Стивен Хокинг (Stephen William Hawking) е роден на 8 јануари 1942 година.

Како научник тој остави белег во голем број области, но најмногу во областа на космологијата. Неговото најпознато дело е соработката со Роџер Пенроз и проучувањето на црните дупки и релативноста. Има напишано повеќе популарни книги од областа на космологијата од кои најпозната е Кратка историја на времето, којашто е и една од најпреведуваните и најтиражни научнопопуларни книги (продадени се над 10 милиони примероци во последните 20 години).

Дел од неговата мисија беше и популаризација на научната мисла на секое ниво. Ова неуморно го правеше со голем број настапи, предавања, но и со гостувања во популарни телевизиски серии како што се Ѕвездени патеки: Следната генерација, Симпсонови и Бубалици.

Како еден од најголемите интелектуални и научни умови на денешницата Хокинг честопати го споделуваше своите мислења и ставови за иднината на човекот и човештвото. Повеќе за научната дејност на Хокинг и за него како човек, може да прочитате во вестите и написите објавени на нашиот сајт и во ЕМИТЕР (клик тука) (Н. С.)

 

15.3.1950 - Роден е Мијат Мијатовиќ

Мијат Мијатовиќ (1950 – 2000) е физичар, редовен професор на ПМФ од 1992 година сè до неговата ненадејна смрт. Роден во Вучковица, Чачак, Србија. Дипломирал во 1973 година и магистрирал на ПМФ во Белград. Докторирал во 1980 година, на ПМФ, со темата: “Спин-Паерлсовиот премин кај еднодимензионалните магнетици". Специјализирал во Копенхаген. Држел настава по Статистичка физика со термодинамика и Астрономија со астрофизика. Коавтор е на околу 80 статии објавени во странство со тематика од статистичката физика, квантните состојби и процесите во периодичните структури, непотенцијалните интеракции, концентраторите и други. Коавтор е и на книгите “The series-iteration method in the theory of ordinary linear differential equations” (со Д. Димитровски – Флорида, 1998) и “Geometrical theory of ideal nonimaging concentrators” (со Д. Димитровски и В. Веселиновиќ – Скопје,1994). Во два мандата бил и шеф на Институтот по физика. Во Скопје, во 1998 година организирал конференција за хадронска механика. Основач е и прв претседател на Македонското астрономско друштво. (Д. М.)

 

14.3. секоја година – Денот на Пи (π)

 Денот на Пи (π) претставува ден кога се одбележува најпознатата математичка константа. Откаде токму овој ден, четиринаесеттиот мартовски ден е избран за ова чествување? Одоворот лежи токму во начинот на кој американците ги бележат датумите, најнапред месецот па потоа денот, па така 14.3. која-и-да-е година станува 3.14. која-и-да-е година. Последниов сплет од бројки ви се чини познат, нели? Да, токму така, 3.14 = π, барем кога константата ја кратиме на две децимали ;)
Првото официјално одбележвање на овој празник е направено во сега далечната 1988 година во научниот музеј во Сан Франциско (San Francisco Exploratorium), каде работел физичарот Лери Шо кој е првиот организатор на овој настан. Прославата се состоела меѓу другото во јадење на овошни пити, имено пита, на англиски pie се изговара исто како и π – пај.☺
Како куриозитет на Википедија велат дека еден од најпрестижните технички универзитети МИТ (Massachusetts Institute of Technology) токму на овој ден ги испраќа писмата со кои ги изевестува идните студенти за позитивниот исход на нивната апликација.
Покрај ова постои и ден кој ја одбележува апроксимацијата на π, а тоа е 22 јули, што се должи на тоа што датумот, овојпат испишан по европски стандарди, алудира на дропката 22/7 (22/7 ≈ 3,14) од која потекнува π. (Н. С.)

 

14.3. 1835 – Роден е Џовани Скјапарели

Џовани Скјапарели (Giovanni Virginio Schiaparelli) е италијански астроном којшто ја докажал директната поврзаност на метеорските дождови Персеиди и Леониди со кометите и го открил астероидот 69 Есперија.

Познат е по неговите набљудувања на Марс и прв ги забележал долгите линии на неговата површина коишто ги нарекол канали. Неговиот опис на овие канали поттикнал повеќе теории за постоење на интелигентен живот на Црвената планета. Еден од кратерите на Марс, но и еден на Месечината, го носат неговото име. (Н. С.)

 

14.3.1874 – Почина Јохан Медлер

Јохан Хајнрих Медлер (Johann Heinrich Mädler) е германски астроном, познат по тоа што прв направил детални мапи на Марс и на Месечината. Исто така, тој го пресметал ротациониот период на Марс со прецизност од 13 секунди разлика од вредноста што денес ја знаеме. При вториот обид за пресметка, тој ги подобрил калкулациите и неговиот резултат се разликува за само 1,1 секунди од вредноста што денес се смета за точна.

Неговите мапи на Месечината станале стандардна алатка применувана од генерации астрооми. Тој предвидел дека релјефните каракактеристики на Месечината се неменливи поради отсуството на вода и атмосфера коишто би предизвикале нивна ерозија. (Н. С.)

 

15.3.1986 – Вселенската станица МИР ги доби првите жители

На 13 март советските космонаути Леонид  Кизим и Владимир Соловоев полетаа од космодромот во Бајконур и се упатија кон вселенската станица МИР. Два дена подоцна тие успешно ќе пристигнат до неа и ќе станат нејзините први привремени жители. Руската вселенска станица беше проектирана да овозможи услови за живот и работа на екипажите коишто орбитираат околу Земјата. Во почетокот таа се состоеше од еден единствен модул со седум порти, на дел од коишто подоцна беа приклучени други делови, а дел од нив се користеа како приклучни точки за разни летала. Поради застареноста, вселенската станица МИР беше затворена и уништена во 2001 година. (Н. С.)

 

15.3.1985 – Првиот регистриран домен на Интернет

На 15 март 1985 година symbolics.com, сопственост на Symbolics, Inc., производител на компјутери основана од Расел Нофтскер во Кембриџ, Масачусетс, стана првиот регистриран домен на Интернет. Но титулата “прво име на домен” им припаѓа на скандинавската фондација на истражување и образование Nordu, којашто на 1 јануари 1985 година го создаде доменот nordu.net. Како е ова возможно? Според DomainNameNews, nordu.net бил користен на првиот сервер за root (nic.nordu.net ). Како и да е, штом се отворила можност за регистрација домени, Симболикс реагирал прв. Второто име на домен е регистрирано Bbn.com, регистрирано на BBN Technologies 24 април 1985 година. (И. З.)

 

15.3.2004 – Објавено е откритието на планетоидот Седна

Планетоидот беше именуван според Инуитската божица на северните мориња. Седна во тој момент беше идентификувана како најдалечниот објект во Сончевиот систем. Проценето е дека во афел Седна е оддалечена 937 АЕ од Сонцето, додека во перихел оваа оддалеченост изнесува “само” 76 АЕ. Имајќи го предвид ова, воопшто не е чудно што на планетоидот му се потребни цели 11 400 години за да го обиколи Сонцето. (Н. С.)

Клучни зборови:
Алберт Ајнштајн снимен во работната соба во неговиот дом

Алберт Ајнштајн снимен во работната соба во неговиот дом

Стивен Хокинг

Стивен Хокинг

Мијат Мијатовиќ

Мијат Мијатовиќ

Денот на Пи

Денот на Пи

Џовани Скјапарели

Џовани Скјапарели

Јохан Медлер

Јохан Медлер

Вселенската станица МИР

Вселенската станица МИР

Седна видена низ окото на Хабл

Седна видена низ окото на Хабл

Уметничка визија на Седна

Уметничка визија на Седна