Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 13.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.03.2020 - 17:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

13.3.1950 – Роден е Роберт Јаки

Тој е познат македонски фоторепортер и уметнички фотограф. Основач е и главен уредник на првото македонско специјализирано списание “Фотон Арт“. Од 1972 работел во редакциите на “Нова Македонија“, “Починка“, “Екран“ и во Танјуг (1980-1989). Основач е и прв претседател на Асоцијацијата на македонските фоторепортери во 2002 година. Добитник е на наградата на Обединетите Нации за најдобра фотографија во 2005 година. Имал повеќе самостојни изложби меѓу кои во Националната галерија (1983), во МНТ (1986) и во музејот на Загреб (1989). Починал на 29 октомври 2010 година во Скопје, на 60 годишна возраст. (Т. С.)

 

13.3.1781 – Откриена е планетата Уран

Англискиот астроном Вилијам Хершел на денешен ден во 1781 година низ телескопот ја забележа седмата планета од Сонцето – Уран. Тој најнапред го опишал објектот како “веројатно чудна маглива ѕвезда или комета” и го именувал според таткото на богот Сатурн.

Уран е првата новооткриена планета којашто не била позната од праисториски времиња. Но ова не значи дека не бил забележан. Всушност, при набљудувањата направени со помош на телескоп во текот на претходниот век, Уран бил забележан неколкупати, но астрономите сметале дека се работи за ѕвезда.

Во просек, Уран се наоѓа на околу 2 866 000 000 km од Сонцето, односно на приближно 19,2 астрономски единици од него. По состав е многу сличен на Нептун и се смета дека, слично на него, и Уран има мало каменито јадро. Како и другите гигантски планети, Уран има прстен систем, магнетосфера и бројни месечини. Интересно е и што оската на ротација на Уран е приближно паралелна со рамнината на Сончевиот систем. Повеќе за Уран може да прочитате во ЕМИТЕР 1/2004 – “Уран и неговите сателити”, а повеќе интересни сознанија за оваа планета може да најдете и тука (Н. С.)

 

13.3.2012 – Енциклопедија Британика се откажа од печатено издание

Издавачот на веројатно најпознатата енциклопедија во светски рамки, Енциклопедија Британика, најави дека таа повеќе нема да излегува во печатен формат . Енциклопедија Британика е најстарата енциклопедија на англиски јазик којашто воедно има и најголем континуитет на издавање. Имено таа редовно, во континуитет од 244 години излегуваше од печат.

Последното, 15 издание на Енциклопедија Британика, коешто имаше 32640 страници сместени во 32 тома, е печатено во 2010 година.

Но ова не значеше и крај, Британика продолжува како онлајн издание и платформа достапна за сите на www.britannica.com (Н. С.)

 

13.3.1933 – Починал Роберт Ајнс

Роберт Ајнс (Robert T. A. Innes) е шкотски астроном, познат по откритието на Проксима Кентаур, како и на бројни системи на двојни ѕвезди.

Роден е 1861 година во Единбург. Во раната младост заминува за Сиднеј, Австралија, каде од својата заработка како трговец со вино, набавил 12 инчен рефракторски телескоп со којшто открил неколку двојни ѕвезди, дотогаш непознати во астрономијата. Во 1900 година го издава неговиот прв каталог на двојни ѕвезди, којшто вклучува и претходни опсервации од други астрономи.

Во 1903 година станал директор на метеоролошката опсерваторија Трансфал во Јоханесбург (Јужна Африка), којашто две години подоцна, по негова иницијатива, ќе стане астрономска опсерваторија, оперативна и денес, позната како Опсерваторијата Јунион (Union Observatory), име коешто и го дал Ајнс. Неговата куќа, изградена крај опсерваторијата, денес е седиште на Јужноафриканскиот институт на електротехнички инженери.

Ајнс бил првиот астроном којшто ја забележал Големата јануарска комета од 1910 година. Во 1915 година Ајнс забележал бледа ѕвезда во близина на Алфа Кентаур, којашто воедно се движела и однесувале на ист начин како неа. Иако имал оскудни докази за тоа, но верувал дека новооткриента ѕвезда се наоѓа поблиску до нас од Алфа Кентаур. Во 1917 година тој ја именува оваа ѕвезда како Проксима Кентаур.

Откритието на Проксима Кентаур било направено благодарение на астрографската 10 инчна камера што Џон Френклин Адамс, пионер на астрофотографијата, ја подарил на опсерваторијата Јунион.

Подоцнежните истражувања ги потврдија убедувањата на Ајнс дека Проксима Кентаур е најблиската ѕвезда до нас.

Но, веројатно најголемиот придонес на Ајнс во астрономијата се неговите откритија на околу 1600 бинарни ѕвездени системи. Голем дел од откриените бинарни системи веќе вклучувале познати ѕвезди чиишто бледи придружнички останале незабележани при претходните опсервации. (Н. С.)

 

13.3.1899 – роден е Џон Хазбрук ван Флек

Џон Хазбрук ван Флек (John Hasbrouck Van Vleck) е американски физичар и математичар. Ван Флек ги воспоставил основите на квантно механичката теорија на магнетизмот и теоријата на кристалното поле (хемиските врски во металните комплексни соединенија). Тој се смета за татко на современиот магнетизам.

Во 1977 година, заедно со Невил Франсис Мот и Филип Ворен Андерсон, е награден со Нобелова награда за физика “за неговите придонеси за објаснувањето на однесувањето на електроните во магнетните цврсти тела”. (Н. С.)

Клучни зборови:
Роберт Јаки

Роберт Јаки

Уран фатен од камерите на Војаџер 2

Уран фатен од камерите на Војаџер 2

Уран виден низ окото на Хабл

Уран виден низ окото на Хабл

Портрет на Вилијам Хершел, астрономот којшто го откри Уран

Портрет на Вилијам Хершел, астрономот којшто го откри Уран

Енциклопедијата Британика се печатеше во континуитет речиси 250 години

Енциклопедијата Британика се печатеше во континуитет речиси 250 години

Последното издание на Британика имаше цели 32 тома

Последното издание на Британика имаше цели 32 тома

Роберт Ајнс

Роберт Ајнс

Џон Хазбрук ван Флек

Џон Хазбрук ван Флек