Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 12.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 12.03.2020 - 13:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

12.3.1935 – Починал Михајло Пупин

Михајло Пупин е прочуен физичар, великан во областа на физиката и електрониката, научник и пронаоѓач, кој дал особен придонес во развојот на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата. Бил редовен професор по физика и математика на Универзитетот Колумбија во Њујорк, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. Имено, најголемо откритие му се пупиновите калеми, кои овозможиле телефонско поврзување на големи растојанија.

Како крајно сиромашен, 1874 година пристигнал во САД. Упорно работел и учел, и во 1883 година дипломирал на тогашниот Колеџ Колумбија. Специјализирал на Кембриџ, Англија, а потоа и во Берлин, а 1889 година докторирал под менторство на Херман Хелмхолц со студијата за “Осмотскиот притисок и неговата врска со слободната енергија”.

Бил извонреден предавач, а два негови докторанти станале нобеловски лауреати (Миликен и Лангмјур). Одиграл значајна улога при формирањето на границите на Југославија во 1918 година. По смртта на неговата мајка, за време на неговиот престој во Германија, Михајло Пупин основал фондација која била наменета за помагање при школувањето на деца од Србија и Македонија. Бил претседател на Њујоршката академија на науките и еден од основачите на Друштвото на физичари на САД. За автобиографското дело “Од мигрант до пронаоѓач“ награден е со Пулицеровата награда во 1924 година. Лабораторијата за физика на Универзитетот Колумбија го носи неговото име и е прогласена за историски споменик на САД. (Т. С.)

 

12.3.1991 – Починал Рагнар Артур Гранит

Рагнар Артур Гранит (Ragnar Arthur Granit) е шведски физиолог којшто, заедно со Џорџ Волд (George Wald) и Алдан Хартлајн (Haldan Hartline) во 1967 година, ја освојува Нобеловата награда за истражуваето на електричните и хемиските промени во внатрешноста на окото кога тоа е изложено на светлина. Гранит ја предложил доминатор-модулатор теорија како објаснување за видот во боја. Според оваа теорија само три вида на рецептори за боја реагираат на различни, точно определени опсези од светлинскиот спектар, додека останатите нервни влакна се одговорни за понатамошно стеснување на опсегот од спектарот.  (Н. С.)

 

12.3.1925 – Роден е Лео Есаки

Реона Есаки исто така познат како Лео Есаки (Leo Esaki) е јапонски физичар кој ја споделил Нобеловата награда за физика во 1973 со Ивар Јевер (Ivar Giæver) и Брајан Џозефсон (Brian David Josephson) за неговото откритие на феноменот електронско тунелирање.

Есаки е роден во Осака, Јапонија. Студирал физика на Токијскиот универзитет каде дипломирал во 1947 година, а докторирал во 1959. Истражувањето за коешто ја добива нобеловата награда било спроведено во 1958 година. Во 1960 се сели во САД каде работи во IBM. Потоа бил член на управниот одбор на IBM за Јапонија, а од 1992 година претседаел на Универзитетот во Цукуба (Јапонија). Ги истражувал својствата на полуспровониците, како и појавата на суперспроводливост.

Електронското туналирање претставува феномен при којшто електроните се наоѓаат на места каде што според законите на класичната механика не би требало да бидат. Есаки е познат и по неговиот пронајдок – есакиевата диода, којашто го експлоатирала овој феномен. Имено, т.н. тунелска или ескиева диода, го користи квантниот тунелски ефект, кога електроните ја минуваат енергетската бариера. Оваа полуспроводна диода има посебни својства и е првиот активен полуспроводнички елемент во микробрановата техника. (Н. С.)

 

13.3.1986 – Мајкрософт излегува на берзата

Речиси единаесет години по основањето, Мајкрософт започнал со тргување на акции на берзата NASDAQ. Првичната цена на акцијата била поставена на 28 американски долари за акција, заработувајќи речиси 61 милиони долари во рок од еден ден. Така ако на 13 март 1986 година со 21 долар сте купиле удел во оваа компанија, вашата инвестиција заклучно со 2012 година би вредела приближно 4.000 долари. (И. З.)

Клучни зборови:
Михајло Пупин

Михајло Пупин

Портрет на Михајло Пупин изработен од српскиот сликар Пајо Јовановиќ

Портрет на Михајло Пупин изработен од српскиот сликар Пајо Јовановиќ

Портрет на Рагнар Гранит

Портрет на Рагнар Гранит

Лео Есаки ја презентира есакиевата диода во лабораторијата на Сони

Лео Есаки ја презентира есакиевата диода во лабораторијата на Сони

Есакиевата тунелска диода

Есакиевата тунелска диода