Откако по неколкунеделни кoлебања вчера Светската Здравствена Организација (СЗО) конечно ja прогласи болеста Covid-19 за пандемија, многумина се прашуваат што точно значиова ? Дали вирусот SARS-CoV-2 одненадеж ги променил својствата, станал посмртоносен, позаразен, се шири ли побрзо? Дали е време за паника? Консултирајќи се со повеќе извори, ќе се обидеме накратко да одговориме на овие прашања.
Колку навистина работите се променети од вчера? Па конкретно, за повеќето од нас не баш многу, иако самата етикета “пандемија” можеби влева страв во коски. Да појасниме што точно значи оваа ознака. Таа не се однесува на сериозноста или смртоносноста на болеста. Една болест може да има пандемски размери, а да не биде смртоносна. Иако стапката на смртност кај Ковид-19 е значително поголема од онаа на сезонскиот грип, таа сепак не е толку голема како кај САРС. Пандемијата не значи ни дека вирусот SARS-Cov2 мутирал, ниту пак дека се променил карактерот на болеста што тој ја пренесува. Според СЗО, ознаката пандемија е само етикета којашто укажува на раширеноста на болеста.
Според правилникот на СЗО, за една болест да биде прогласена за пандемија потребно е да бидат исполнети неколку услови. Тоа значи дека болеста ги поминала следниве чекори:
1. Локална зараза – од моментот кога беа пријавени првите случаи со мистериозна пневмонија и кога бројката на овие случаи почна неочекувано да се зголемува, но ширењето на болеста сè уште беше тесно локализирано во градот Вухан во Кина;
2. Епидемија. Заразата премина во епидемија кога болеста Ковид-19, иако ограничено, беше детектирана и во други делови на Кина, и продолжи да се шири уште некој период. Тука да нагласиме дека сите зарази не достигнуваат размер на епидемија;
3. Пандемија. Кога голем број случаи од Ковид-19 почнаа да бидат пријавувани во други држави, како Иран, Италија и Јужна Кореја, означувањето на болеста како пандемија беше во очекување, особено ако се има предвид дефиницијата којашто американскиот Центар за контрола на заразни болести и превенција ја дава за пандемија – епидемија којашто веќе се раширила во повеќе земји или континенти, а болеста зафатила голем број луѓе.
Но, директивите на СЗО се различни од оние на американскиот Центар за заразни болести, па така, ако при епидемија се случи болеста да биде раширена во светски рамки или да зафаќа огромна површина, преминувајќи ги интернационалните граници, таа добива пандемски размери доколку речиси симултано се шири на повеќе места во светот, односно во најмалку три географски региони. Ова значи дека патогенот активно се пренесува на повеќе места во светот одеднаш, и дека веќе потешко се контролира ширењето на болеста. Во вакви услови, од обиди за ограничување на ширењето се преминува во намалување на последиците од болеста, без притоа да се поткрева лажна надеж дека нема да има никакви последици. Но и ова не е доволно за прогласување пандемија.
Според дефиницијата на СЗО за пандемија, болеста треба да задоволи уште еден услов – вирусот којшто ја шири мора да биде од нов вид. Па така, иако сезонскиот грип секоја година ја обиколува целата Земјина топка, зафаќајќи огромен дел од глобалната популација, тој сепак не се смета за пандемија. Но, работите беа сосема поинакви, на пример во 2009, кога беше откриен нов вирус H1N1 којшто го предизвикуваше свинскиот грип. Појавата на новиот тип на патоген значи дека вашето тело нема формирано никаков одбранбен механизам за да се справи со него, новоста значи и дека нема однапред подготвена функционална вакцина којашто би помогнала да се превенира ширењето на заразата. Ова го прави ширењето на новиот патоген многу поопасно и постои зголемен ризик за смртоносни последици. Ваквите епидемии имаат потенцијал да прераснат во смртоносни пандемии, налик на пандемијата од шпански грип од 1918 година, којашто зафати третина од глобалната популација и однесе, според повеќе проценки, 20 до 50 милиони животи.
Но, сите пандемии не се шират толки брзо како грипот или Ковид-19. Така пандемијата на СИДА, иако прогласена во 80-тите години од минатиот век, врвот го достигна дури по 2000 година и досега од последиците од оваа болест починале приближно 36 милиони луѓе.
Прогласувањето пандемија не значи промена во начинот на којшто треба да се реагира, а тоа е строго водење за хигиената, честа дезинфекција на потенцијално загадените места и помалку социјализација. И за оние коишто сметаат дека се работи за заговор на фармацевтските компании за продажба на лекови и вакцини, Светската здравствена организација не работи со заговори, нејзината функција е да го координира глобалниот одговор на здравствените проблеми и опасности што сите нè засегаат.