Рубрика: Геологија
Древната Земја од пред 3 милијарди години немала континенти?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 12.03.2020 - 12:00

Според најновата геолошка студија реализирана од страна на двајца научници геолози на Универзитетот Болдер (Boulder) во Колорадо, древната Земја од пред околу 3,2 милијади години била покриена со вода на целата нејзина површина, што значи дека тогаш таа немала континенти како што има сега. Истражувањето било направено со анализа на еден древен каменест седиментен остаток од некогашното морско дно, стар околу 3,2 милијарди години, откриен во западна Австралија. На примерокот се врежани низа хемиски “записи” од различни компоненти содржани во него, па истражувачите сметале дека преку нив ќе откријат нови геолошки податоци во врска со еволуцијата на Земјата.

Земајќи предвид дека пред наведените 3,2 милијарди години седиментот бил потопен под вода, како најактуелно, истражувачите сметале дека е нужно во него да идентификуваат два изотопа, коишто се специфични за составот на океанската вода, па во нивната анализа тие се фокусирале во таа насока. Тие изотопи се: потешкиот кислород-18 (Oxigen-18) и полесниот кислород-16 (Oxigen-16). Двата се застапени во денешните океански води, при што количински позастапен е полесниот изотоп Oxigen-16, па истражувачите очекувале истата таа застапеност да ја констатираат и кај камениот седимент. Анализата ја направиле на рамно 100 места на површината на седиментот, но, се изненадиле кога констатирале дека кај него позастапен е потешкиот изотоп Oxigen-18, спротивно на денешната состојба во океаните. Објаснението го дал Бенџамин Џонсон (Benjamin Johnson), едниот од двајцата истражувачи: “Кога Земјата била стара само 1,5 милијарда години, нејзиниот океан имал изобилство од потешкиот Oxigen-18, меѓутоа по појавата на континенталното копно, како тоа се зголемувало, така вцицувало од водата извесно количество од тој изотоп, а ние тоа некогашно изобилство од Oxigen-18 во океанската вода денеска го видовме во наведениот древен седимент.”

Конечно, еве го официјалниот резултат од студијата. Според истражувачите, студијата сугерира дека, во време од пред 3,2 милијарди години кога древниот седимент бил потопен под океанска вода, многу е веројатно дека таа вода ја покривала целата површина на планетата, што значи дека тогаш таа немала континенти, па изгледала како во филмот “Водениот свет” (“Waterworld"). Поинаку, тој сегмент не би ги содржел тие два изотопа карактеристични за денешниот состав на океанската вода. Откритието го објавиле неодамна, во научното списание Nature Geoscience.

Доколку наодот се потврди, гледано од биолошки аспект, тоа би значело дека без забележлив континентен покрив над океанското ниво, водниот простор бил единственото место каде што можел да егзистира најраниот едноклеточен живот на Земјата. Исто така, евентуалната потврда на наодот би им помогнала на биолозите да ги преработат нивните теории за тоа како и каде започнал животот на Земјата. Патем, уште ќе кажеме дека е можно и некои откриени егзопланети, за кои е констатирано дека се целите покриени со вода, да бидат животни планети.

Клучни зборови: