Рубрика: Аудио и видеотехника
Кинематографска работилница за професионални камери од Sony
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 07.03.2020 - 16:45

Во хотелот Дабл Три Хилтон во Скопје на 28 февруари беше одржана кинематографска работилница на којашто беа претставени две од најсовремените дигитални камери за филм и ТВ од Сони – Sony Venice и Sony FX9.

Презентер на опремата беше Предраг Бамбиќ, српски кинематографер и продуцент, познат по неговата работа на филмовите “Патот на Алберт”, “Крај” и “Дента кога решив да останам”.

Sony Venice e фулфрејм кинематографска камера со вклучени V 5.0 надградба, можност за снимање во повеќе формати и Rialto Extension систем. Опремена е со моќен 6K фулфрејм сензор којшто овозможува целосна креативна слобода како при снимањето така и во постпродукцијата. Ова е поддржано со 8 чекорен ND филтерски систем којшто ги збогатува можностите за креативно снимање, овозможувајќи брзи промени и избегнување на поместувањето на бои за време на целодневното снимање

 Sony FX9 пак е новиот модел во гамата на камкордерите Сони. Опремен е со фулфрејм 6K сензор, Fast Hybrid AF, овозможена за Dual Base ISO и збогатена со S-Cinetone толкување на боите. Сензорот овозможува моќни снимки со 4K, Ultra HD и HD резолуција. Притоа динамичкиот (светлосен) опсег на снимките достигнува извонредни 15+ степени, далеку над можностите за перцепција на човечкото око. Основната осетливост од ISO800 овозможува одлична примена при снимање на документарни материјали додека втората, високопоставена осетливост од ISO 4000 ги надминува препреките како слаба осветленост при снимање на “мрзливи” објективи. Ако на ова се додаде и ND филтерот, може слободно да се каже дека се работи за камера брзоприлагодлива на сите услови.

Заедно со камерите беа претставени и повеќе вредни додатоци за поддршка во работата на кинематограферот, како и внатрешните мениjа за нагодување на параметрите кај двете камкордери.

 

Повеќе за овие камери ќе можете наскоро да прочитате во новото издание на ЕМИТЕР коешто е веќе во финалната фаза на подготовка, од страна на нашиот соработник м-р Милчо Узунов.

Клучни зборови: