Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 6.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.03.2020 - 14:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

6.3.1937 – Родена е Валентина Терешкова

Во 1937 година е родена Валентина Владимировна Терешкова, поранешна космонаутка и сегашен член на Руската Дума – долниот дом на Руската федерација. Стекна светска слава затоа што беше првата жена во вселената, притоа и најмладата жена досега (26 години) и, воопшто, прва жена со соло лет во вселената. Пред да ја изберат во вселенската програма на поранешниот Советски Сојуз, работела во текстилна фабрика, а била избрана поради своите падобрански вештини, нешто што навистина и било потребно при приземјувањето по успешниот лет неколку години подоцна. Тренирала во специјалната програма за жени космонаути и само таа од четирите таму ги исполнила условите за една вселенска мисија.

Како единствен пилот во леталото “Восток 6“ таа заминува во вселената на 16 јуни 1963 година. За време на својата мисија, таа направила 48 обиколувања на Земјата за период од 71 час (речиси 3 дена) пред успешно да се врати на Земјата, на 19 јуни. Набрзо после оваа успешна мисија таа излегла од Вселенската програма, а подоцна била наградена и со титулата Херој на Советскиот Сојуз.

Многу подоцна ја започнува нејзината политичка кариера и по неколку локални избори и именувања, во 2011 година влегува како член на Руската Дума, позиција на која е реизбрана повторно во 2016. (Г. П.)

 

6.3.1869 – Димитри Иванович Менделеев (1834 – 1907) ја презентира првата табела на периодичниот систем на елементи пред Руското хемиско друштво

Во 1863 година биле познати 56 елементи. Други научници претходно ја идентификувале периодичноста на елементите. Џон Њуландс (John Newlands)

го опишал Законот на октавата, напомнувајќи ја нивната периодичност според релативната атомска тежина. Втора личност која предложила периодична табела бил Лотар Мејер (Lothar Meyer), кој во 1864 година објавил труд во кој опишал 28 елементи класифицирани според нивната валентност, но без предвидување на нови елементи.

Откога Менделеев станал професор во 1867 година, подготвувајќи го учебникот за своите предавања, се обидел да ги класифицира елементите во зависност од нивните хемиски својства. Успеал да забележи одредени обрасци кои го навеле до тоа постави својата прва периодична табела. Додавајќи нови елементи според обрасците, ја развил проширената верзија на периодичната табела. На 6 март 1869 година службено ја претставил пред Руското хемиско друштво под назив “Зависноста помеѓу својствата на атомските тежини на елементите”, во кое се опишувале елементите во зависност атомската тежина и валентноста. Тој ја објавил табелата со сите дотогаш познати елементи и предвидел неколку нови. (Д. М.)

   

6.3.1900 – Починал Готлиб Дајмлер

Од срцеви проблеми, на денешен ден во 1900 година умира овој машински гениј – практичар. Но, имал и голема среќа, а тоа е дека во неговата работа на професионален план не бил сам, туку бил придружуван со уште еден друг извонредно надарен машинец Вилхем Мајбах. Биле заедно сè до Дајмлеровата смрт. Готлиб Дајмлер прво работи како инженер заедно со Мајбах, во фирмата на Никола Ото, Дојч (Deutz). Работат на проблематиката на подобрување на Отовите мотори. Заслужни се за воведување на течниот бензин како гориво за моторите. Патем, Мајбах го конструира првиот карбуратор. Но со Никола Ото имаат суштински концепциски разлики во насоката во којашто треба да се развива моторот и се принудени двајцата (Дајмлер и Мајбах) да го напуштат Ото. Отвораат сопствена фирма во Штутгарт, каде продолжуваат со развој на Отовиот мотор. Успеваат да вградат таков мотор на велосипед, при што настанал првиот моторцикл. Истото го прават и со пловилата (бродовите), при што оваа дејност станува нивни главен и најголем извор на приходи. Дајмлер е првиот производител на возила на 4 тркала кои почнал да ги продава од 1892 година. Расправиите со акционерите во сопствената фирма накратко го одделиле од неа (се повлекол), но потоа повторно се вратил на старото работно место каде останал сè до својата смрт. (Т. С.)

 

6.3.1992 – МИКЕЛАНЏЕЛО нападна!

Не славниот скулптурист, туку компјутерскиот вирус, креиран во негова “чест”. На овој датум, инаку роденденот на Микелаџело (човекот), вирусот требаше да ги избрише податоците во сите заразени компјутери.

Иако се шпекулираше со цифра од околу 5 милиони, сепак вистинската цифра на заразени компјутери беше само неколку илјади. (З. И.)

Клучни зборови:
Валентина Терешкова непосредно пред нејзината мисија

Валентина Терешкова непосредно пред нејзината мисија

Валентина Терешкова, фотографирана во 2011 година

Валентина Терешкова, фотографирана во 2011 година

Првиот човек и првата жена во вселената

Првиот човек и првата жена во вселената

Димитри Менделеев

Димитри Менделеев

Табелата на периодниот систем на Менделеев од 1871 година

Табелата на периодниот систем на Менделеев од 1871 година

Рачен запис на Менделеев од крајот на февруари 1869 година

Рачен запис на Менделеев од крајот на февруари 1869 година

Готлиб Дајмлер
Модел на DMG Lastwagen од 1896 – првиот бензински камион

Модел на DMG Lastwagen од 1896 – првиот бензински камион

Првиот мотор – производ на соработката Дајмлер-Мејбах

Првиот мотор – производ на соработката Дајмлер-Мејбах

Вирусот Микеланџело ги преплаши компјутерџиите

Вирусот Микеланџело ги преплаши компјутерџиите

Вирусот Микеланџело најде свој термин и во вестите

Вирусот Микеланџело најде свој термин и во вестите