Деновиве, поточно на 3 март, се одбележа еден убав јубилеј – 96 години од формирањето на aероклубот Штип. Клубот може да се пофали со многу резултати во воздухопловната активност, за што се здоби со низа признанија во Република Македонија, во просторите на пореанешна Југославија и на светско ниво.
Според евиденцијата со којашто располага Воздухопловната Федерација на Македонија (ВФМ) и архивата на клубот, Аероклубот Штип е оформен 1924 година. Оттогаш до денес, клубот бележи континуирана активност, со извесна пауза во периодот на II Светска војна.
Реактивирањето на Аероклубот Штип во повоениот период започнува од 1948 година, кога Лазо Рунтев и Ацо Коцанов го организирале и го воделе првиот курс по воздухопловно моделарство. Потоа следуваат значајни датуми. Во 1951 година во Штип е формирана воздухопловна школа која ја водел Јордан Ангеловски, а падобрански инструктор бил Аки Ибраимовски. Биле обучени 6 падобранци и 8 едриличари. Во 1953 година дошол и инструктор по моторно летање – Иван Тасевски, кој извршил обука на моторни пилоти.
Поради одредени околности, односно немање полетно-слетна писта, еден период стручните кадри се обучувале во други воздухопловни школи, сè до повторната градба на спортски аеродром, со хангар, објект за сместување на ученици, посетители на разни курсеви и натпреварувачи за време на спортски натпревари.
За стручен наставник по моделарство бил назначен Андрија Рунтевски, по воздухопловно едриличарство и моторно летање бил ангажиран Борче Јаневски, а подоцна и Раде Ивановски, а по падобранство доаѓал инструктор од Скопје. Таквиот потег на Управата на Аероклубот Штип резултираше со врвни резултати во сите дициплини.
Во воздухопловно и во ракетно моделарство моделарство постигнати се врвни резултати на републичко ниво, како во поранешна Југославија, така и во поновата историја, од осамостојување на Македонија. Особено ми е драго што бев присутен на семинар за радиоуправувани модели и победив на првиот натпревар кој се одржа токму во Штип, како водач на екипата на Аероклуб Битола. Врвот на нашата соработка беше заедничкиот настап во репрезентацијата на Македонија на Балканијадата во Турција. Особен успех постигнуваа ракетните моделари, па така Лазар Андонов, ракетен моделар, на 24 март 2001 година беше прогласен за најдобар во светски рамки.
Иако млад, Борис Јаневски, како управник на воздухопловната школа, обучи нови пилоти едриличари, но и моторни пилоти. Сепак, за одбележување е и фактот што набавија и една врвна едрилица, Цирус стандард, со која имаа можност да постигнат врвни резултати.
Во поновата историја кога се стекнаа условите за работа, Аероклуб Штип прв набави автовитло и посебна едрилица за основна обука. Па така, сопствениот Бланик го сочуваа за врвна обука и достигнувања.
Аероклуб Штип беше организатор на Републичкото првенство во едриличарство, во кое победи натпреварувач од Штип. Претставник од АК Штип, Борче Јаневски, зеде учество и на Државносто првенство во воздухопловно едриличарство во Бања Лука заедно со техничка екипа Андреја Рунтевски, Никола Поповски, и помошник, јас, Перица Поповски.
Врвни достигнувања постигнаа и моторните пилоти, особено Раде Ивановски, кој беше редовен член на македонската репрезентација.
Аероклубот Штип беше еден од првите аероклубови со визија да створи сопствен капитал, оформувајки сопствена стопанска авијација за запрашување и прихранување на околните полиња.
Во 2019 година на 31 август, пуштен е во употреба првиот приватен хангар за обука со летачки објекти, авиони и едрилици. Школата е на семејството на Раде Ивановски, еден од најпознатите професионални пилоти, по чии стапки тргнаа и неговите деца, Марјан и Никола. Во 2019 на 8 ноември, Аероклубот ја доби престижната награда –”Осми Ноември“.
За жал, сегашните активности на Аероклубот Штип се сведени на минимум, што на некој начин е општа состојба во земјава. Очекувањата се дека вложените средства на Раде Ивановски ќе ги оправдаат очекувањата и ќе се створат нови генерации пилоти, едриличари и моторни пилоти со професионални дозволи. Минатата година, по повод отварањето на хангарот на Раде Ивановски, кој се наоѓа до спортскиот аеродром, пред голем број граѓани се одржа ревијален натпревар во прецизно летање.
Правејќи едно резиме, особено ми е драго што како долгогодишен член на Воздухопловниот сојуз на Македонија, а подоцна и на Воздухопловната Федерација на Македонија, на некој начин бев сведок на високите постигнувања на овој клуб во областа на едукацијата на нови воздухопловни кадри, организацијата на натпревари во разни воздухопловни категории и, секако, на учеството и постигнувањето врвни резултати на спортско поле во сите воздухопловни гранки. Мал е просторот да опишам и да ги набројам сите оние кои дадоа огромен придонес во афирмацијата на аероклубот Штип во земјава и надвор од нејзините граници.