Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.03.2020 - 13:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

5.3.1938 – Родена е Мирјана Јоноска

Познат македонски научник – физичар. Редовен професор на Природноматематичкиот факултет (ПМФ) во Скопје. Дипломирала во 1960 година, а магистрирала во 1972 година. Докторат одбранила во 1972 година, на ПМФ, со тема за дифракцијата на кружните препреки со асиметрична транспаренција и фаза. Специјализирала на Брајтон. Објавила повеќе од 100 статии, главно од физичката оптика, и повеќе од 100 стручни и популаризаторски написи, два универзитетски и повеќе средношколски учебници.  На ПМФ во текот на неколку децении предавала општа физика, електромагнетизам и демонстрациони експерименти од физика. Била продекан на Факултетот за физика (1979 – 1981) и претседател на Друштвото на физичари на Македонија (1986 – 1988). (Т. С.)

 

5.3.1993 – Помош за слепите студенти

Пишувајќи за влијанието што компјутерите, во тоа време, би можеле да го имаат врз животот на луѓето, Лос Анџелес Тајмс даде особен осврт на лаптопот со “говорни“ можности – Тошиба Т1000. Компјутерот бил наменет за слепиот студент Роберт Антунез како помагало коешто ќе му овозможи побргу и полесно да ги заврши студиите и да дипломира. По 15 годишно откажување и повторно продолжување на студиите, со помош на Т1000 Роберт Антунез дипломирал на отсекот за политички науки на UCLA.

Т1000 беше произведен во 1987 година и имаше слични спецификации како IBM-овиот PC Convertibile: 80C88 процеосор со такт од 4,77 MHz, 514 KB RAM меморија проширлива до 1,2 МВ, и 256 КВ ROM со копија од MS-DOS 2.11. Дополнителен/алтернативен оперативен систем можеше да се вчита преку флопи дискетната единица (720 КВ 3,5“) или преку RAMDISK. T1000 беше воедно и еден од првите компјутери кои имаа лаптоп дизајн и напојување преку батерија. (З. И.)

 

5.3.1964 – Починал Милтон Манаки

Леонид Манаки – Милтон (1882 - 1964) е фотограф и филмски снимател, основоположник на македонската кинематографија. Роден е во село Авдела, Костурско. По завршеното основно училиште и први клас гимназија, почнал да го изучува фотографскиот занает кај постариот брат Јанаки. Во 1905 година неговото семејство се преселува во Битола, кадешто отвориле ателје за уметничка фотографија. Истата година од Лондон ја купиле “Камера 300” со која го снимиле првиот документарен филм “Ткајачки”. Подоцна филмски регистрирале и разни други настани и моменти од секојдневието, како “Влашкото училиште во Авдела или училиште на отворено” (1905), “Прославата на Ѓурѓовден”, “Македонска свадба во Битолско”, “Власи номади”, “Панаѓур кај Света Недела во Битола и на други места” (1907), “Бесењето на Илинденци” (1908), “Султанот Мехмед Решад во Солун и во Битола” (1911), “Тито во Битола” (1963) и други. Зачувани се околу 100 краткометражни филмски записи и репортажи на околу 1600 метри филмска лента од 35 mm, 18513 фотонегативи и 17854 фотографии. Во 1918 година заедно со братот Јанаки отвориле кино во Битола. (Д. М.)

 

5.3.1993 – Авионска несреќа на Палер Македонија

Авионот од типот Фокер 100 на македонската авиокомпанија Палер Македонија, чијашто дестинација беше Цирих, се урна веднаш по полетувањето од аеродромот Скопје во близина на с. Петровец. Воздухопловот се урна на само 400 метри од пистата. Во несреќата загинаа вкупно 83 луѓе, од кои 79 патници и 4 членови на екипажот, додека 14 луѓе ја преживеаја несреќата.

Несреќата на авионот на Палер беше дотогаш најфаталната авионска несреќа во Македонија. Неколку месеци подоцна се случи уште една авионска несреќа, кога авион од типот Јаковлев Јак-42 на македонската компанија Авиоимпекс се урна во близина на Охрид, при што погинаа сите осум членови на екипажот и 115 патници. Единствениот преживеан патник од таа несреќа, починал само неколку дена подоцна во охридската болница, како последица на здобиените повреди.

Истрагата за причините на несреќата на летот 301 на авиокомпанијата Палер Македонија посочи дека причина за уривањето е направениот пропуст при прскањето на авионот против мраз (т.н. de-icing/аnti-icing процедура), што довело до појава на мраз крилјата на авионот и губење на контролите за свртување. (Н. С.)

 

5.3.1616 – 'De Revolutionibus' ставен на списокот забранети книги од Католичката црква

Астрономското дело на Никола Коперник “За движењето на небесните сфери” (De revolutionibus orbium coelestium) ја опишува хелиоцентрична поставеност на Сончевиот систем излегло од печат во 1543 година, во Нирнберг. Делото е во директен конфликт со дотогаш општоприфатениот геоцентричен модел на Птоломеј, поддржан од Католичката црква.

Првично отпечатените 400 примероци не се распродале. Ова делумно се должи на високиот стил и застапеноста на технички математички пресметки. Така, ова дело не било интересно за пошироката јавност, но својата публика ја нашло кај астрономите од тоа време.

70 години откако Коперник го објави De revolutionibus, со указот на Светата конгрегација од 5 март 1616 година, тоа е сместено во Индексот на забранети книги (Index Librorum Prohibitorum). (Н. С.)

Клучни зборови:
Мирјана Јоноска

Мирјана Јоноска

Леонид Манаки - Милтон со неговата камера

Леонид Манаки - Милтон со неговата камера

Браќата Милтон и Јанаки Манаки

Браќата Милтон и Јанаки Манаки

Тошиба Т1000 – првиот компјутер со лаптоп концепт

Тошиба Т1000 – првиот компјутер со лаптоп концепт

Авионот Фокер 100 наречен Скопје на авиокомпанијата Палер Македонија

Авионот Фокер 100, наречен Скопје, на авиокомпанијата Палер Македонија, снимен на две недели пред фаталната несреќа

Концептот за хелиоцентричен модел нацртан во манускриптот на De Revolutionibus

Концептот за хелиоцентричен модел нацртан во манускриптот на De Revolutionibus