Рубрика: Екологија
Изобилство од див свет во радиоактивните области во Фукушима
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.03.2020 - 12:30

Илјадници диви животни живеат непречено во областите евакуирани по нуклеарната несреќа во 2011 година во Фукушима, Јапонија.

Поминаа речиси десет години од нуклеарната несреќа во Фукушима, којашто натера стотици илјади луѓе засекогаш да ги напуштат нивните домови. Оваа територија којашто во најголем дел уште долго време ќе биде “of limits” за луѓето, поради присутното радиоактивно зрачење, сега е населена со над дваесет животински видови, вклучително диви свињи, јапонски зајаци (Lepus brachyurus), макаки, ​​фазани, лисици и ракунолики кучиња (Nyctereutes procyonoides).

Вака вели извештајот од истражувањето објавен во јануари Journal of Frontiers in Ecology and the Environment, а коешто го спроведоа научници од Универзитетот во Џорџија. Со помош на фото-стапици, научниците успеале да направат над 267 илјади фотографии на диви животни кои живеат во областите погодени од нуклеарната катастрофа.

Тимот набљудувал три области во период од 120 дена. Едната област е целосно ненаселена и е означена како високо загадена, втората е со просечно ниво на загадување и поради тоа има рестрикција за ограничен пристап за луѓето, додека третата е веќе населено подрачје кадешто мерењата покажуваат резултати коишто одговараат на секојдневната природна радиоактивност или, пак, многу ниско ниво на зрачење. Притоа истражувачкиот тим се водел според ознаките што јапонската влада ги дала околните зони по несреќата што 2011 година се случи во Даичи Фукушима.

Некои видови, како дивите свињи, се особено многу фотографирани во областа ослободена од човечко присуство. Така, токму во ненаселената област биле забележани најголемиот број примероци од диви свињи – тука биле “фатени” на дури 26 илјади фотографии, во подрачјето со ограничен пристап на 13 илјади фотографии, додека во  населеното подрачје со фотостапицата биле фатени на само 7 илјади од фотографии. Ова укажува дека видовите коишто вообичаено се во конфликт со луѓето, како дивите свињи, особено добро просперираат во подрачјата напуштени од човекот и покрај присуството на радиоактивна контаминација.

Животните во целост го задржале однесувањето карактеристично за нивните видови. Така, на пример, ракуноликите кучиња, коишто се ноќни животни, биле поактивни во текот на ноќта; фазаните, коишто се дневни животни, се движеле во текот на денот. Единствен исклучок од ова бил јапонскиот јарец (Capricornis crispus), којшто вообичаено ја избегнува близината на луѓето, а најчесто бил снимен во близина на населени места.

Според истражувачите, собраните резултати укажуваат на тоа дека фактори коишто најмногу влијаеле врз изобилството на анализираните видови биле нивото на човечка активност, надморската височина на територијата и видот на живеалиштето, а не нивото на зрачење.

Клучни зборови:
Примерок од дива свиња фатена во фотостапица

Примерок од дива свиња фатена во фотостапица

Ракунолико куче

Ракунолико куче

Јапонскиот јарец единствен којшто ги избегнува подрачјата со поголемо зрачење

Јапонскиот јарец единствен којшто ги избегнува подрачјата со поголемо зрачење