Рубрика: Астрономија и астронаутика
Детектирана најголемата космичка експлозија по Биг-бенгот
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 02.03.2020 - 11:00

Во универзумот повремено се случуваат експлозии на масивни космички објекти, како што се експлозии на ѕвезди на крајот на нивниот живот (“супер нови”), но и експлозии на црни дупки и неутронски ѕвезди, коишто најчесто претходно биле во некој бинарен состав, во којшто постојано меѓусебно се приближувале за на крај да се соединат со судир, предизвикувајќи експлозивен блесок со радијација и генерирајќи гравитациски бранови.

Досега астрономите детектирале бројни такви експлозии, меѓутоа неодамна тие ја збогатија колекцијата на такви експлозии со идентификација на најсилната космичка експлозија, дури 5 пати посилна од која било друга досега детектирана космичка експлозија.

Откритието го направила една мешовита екипа составена од истражувачи од Австралија, САД и од Нов Зеланд. Таа го проучувала далечното галактичко јато Змија (Ophiuchus cluster), оддалечено околу 390 милиони светлински години од Земјата.

Да објасниме, галактичките јата се најголемите структури во универзумот, тие содржат илјадници индивидуални галаксии, опкружени со врели гасови и темна материја.

Набљудувањето на наведеното галактичко јато е реализирано со помош на четирите светски најголеми радиотелескопи со можност за набљудување во Х-зрачното подрачје – Опсерваторијата Чандра на НАСА (Chandra X-ray Observatory), XMM-Њутн на ЕСА (XMM-Newton), опсерваторијата MWA во Австралија (Murchion Wide field Array), и GMRT телескопот во Индија (Giant Metrewave Radio Telescope), секој во различно радиозрачно подрачје. Резултатот од тоа набљудување, истражувачите го прикажале на композитната слика којашто ја гледаме во прилог. На неа гледаме дека најголемиот дел од податоците е содржан во Х-зрачното подрачје (розова боја), потоа следи останатото радиозрачно подрачје (сина боја), и на крај инфрацрвеното радио-зрачно подрачје (бела боја).

Во центарот на галактичкото јато е идентификувана поголема галаксија во која е идентификувана супермасивна црна дупка. Анализирајќи ги добиените податоци, истражувачите забележале нешто чудно во структурата на тоа галактичко јато. Имено, во неговиот центар тие забележале огромна празнина, во којашто би можеле подредени во еден ред да се сместат вкупно 15 галаксии со големина на нашата галаксија Млечен пат. Исто така забележиле и дека галаксиите на нивните рабови, кон границата со наведената празнина, имаат невообичаен закривен облик. Таквата чудна структура, според истражувачите, можела да настане како резултат на силна експлозија на супермасивната црна дупка лоцирана во централната галаксија, при што е ослободено огромно количество енергија, дури 5 пати поголемо отколку што се ослободува во секоја досега евидентирана космичка експлозија. Млазот од експлозијата ја креирал огромната шуплина во околниот гас, слично како што ерупцијата на вулканот во 1980 година го откинала врвот на планината Света Елена. Наведената шуплина на приложената слика е прикажана издвоена во рамка, долу десно.

Наодот беше достапен на серверот arXiv , а потоа беше публикуван во списанието The Astrophysical Journal