Рубрика: Информатика
Британците со нов суперкомпјутер за моделирање на временските и климатските промени
Автори: Ива Зафировска, Невенка Стојановска
Објавено на 28.02.2020 - 11:45

Минатата недела Британците соопштија дека ќе потрошат 1,2 милијарди фунти (1,6 милијарди американски долари) за развој на најмоќниот суперкомпјутер за моделирање на временските и климатските промени во светот.

Компјутерот има за цел да го подобри постоечкиот систем за моделирање на времето и климата којшто секојдневно добива 215 милијарди податоци од метеоролошки станици од целиот свет. Новата машина ќе го замени постоечкиот суперкомпјутер Cray XC40, кој веќе е еден од 50-те најмоќни во светот, а чијшто работен век завршува 2022 година.

“Ова наша значителна инвестиција во нов суперкомпјутер ќе ги забрза временските прогнози, помагајќи им на луѓето понавреме да се подготват за временските неприлики, било да планираат патувања или, пак, да планираат распоредување на бариери за поплави“, рекол Алок Шарма, британскиот Секретар за бизнис и енергетски прашања. Инаку Шарма ќе претседава со годишното собрание на ООН за климатски разговори што ќе се одржи на почетокот од месец ноември во Глазгов, Шкотска.

Новата машина, со нејзината прецизна прогноза на временските прилики, изработена со прецизни модели коишто ги мерат временските услови до најблискиот километар, се очекува да помогне во заштитата од најлошите ефекти на климатските промени. Прецизната прогноза треба да ја зајакне подготвеноста за екстремни временски непогоди, со што би се минимизирале штетите на домовите и деловните субјекти. Добиените податоци ќе помогнат да се изберат најпогодни локации за одбрана од поплави, да се овозможи подобра подготовка на аеродромите и транспортната инфраструктура за потенцијалните временски неприлики и да му помогне на енергетскиот сектор да се заштити од потенцијални оптоварувања и падови.

За поддршка на суперкомпјутерот британската влада најави дека ќе потроши и дополнителни 30 милиони фунти за “напредни суперкомпјутерски услуги” коишто треба да го подобрат суперкомпјутерскиот истражувачки екосистем. Во оваа насока се планира и финансиска поддршка на седум високопрофилни истражувачки проекти на универзитетите, коишто треба да ја развијат технологијата за суперкомпјутерски системи со можност за 1024 пресметки во секунда

Инаку Велика Британија е првата голема економија која предвидува целосно елиминирање на емисиите на стакленички гасови до 2050 година, а новиот моќен суперкомпјутер треба да помогне и во достигнувањето на оваа цел.

Клучни зборови: