Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 26 февруари 2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.02.2020 - 12:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

26.2.1966 – Успешно лансирана ракетата Сатурн 1Б

Во 1966 година од космодромот Кејп Канаверал успешно беше лансирана ракетата Сатурн 1Б, во склоп на програмата Аполо. Со тестот се потврди издржливоста на ракетата, како и можноста да ги пренесе сите потребни модули што подоцна ќе се искористат во програмата Аполо. Одвојувањата на првите два дела од ракетата беа успешни, а се тестираше и електрониката, погонските мотори, силата на потисок и контролите. Иако при тестовите се појавија неколку проблеми, ракетата сепак успешно леташе 37 минути, прелетувајќи 8472 километри на максимална височина од 488 километри над Земјата. (Г. П.)

 

26.2.1769 – Првото самодвижечко возило

На овој ден, францускиот инженер Жозеф Кињо (Joseph Cugnot) го промовира своето прво самодвижечко возило (триколка). Ова е многу значаен датум, оти од овој момент започнуваат сериозните напори за реализирање на самодвижечко возило, т.е. се отвораат нови видици и пространства кои денеска ги поимаме како важни цивилизациски придобивки, т.е. се отвораат златните порти на неговото Величество: автомобилот.

Инаку, погонот на ова возило е парен мотор, т.е. мотор со надворешно согорување, и неговата намена била влечење на тешките товари т.е. воена техника како топови, товарни коли и слично. Не се покажало како многу корисно во реалната практика, оти проодноста му била исклучително мала, т.е. бил погоден само за релативно добри патишта и немал шанса по беспаќата (планините) каде што се одвивале војните во тоа време. (Т. С.)

 

26.2.1870 — Демонстрација на првата линија за подземен превоз во Њујорк

Алфред Ели Бич (Alfred Ely Beach) ја изградил првата тест линија за подземен транзитен систем во Њујорк во 1869 година, а за јавноста била отворена во февруари следната година. Транспортниот систем користел пневматика, а должината на линијата била едвам 95 метри, протегајќи се под Бродвеј и дел од Менхетн. Линијата ја прикажала идејата за пневматска железничка линија којашто, грубо кажано, ја користи диференцијалната разлика на притисоци за придвижување на вагоните.За  жал, тунелите од оваа линија никогаш не биле продолжени поради политички и финанскиски причини. Денес ниту еден дел од оваа линија не е зачуван, со оглед на тоа што на ово место се наоѓа една од пофреквентните станици на њујоршкото метро. Инаку Њујорк го поседува најголемиот брз транспортен систем во светот, гледано по број на станици. (Н. С.)

 

Клучни зборови:
Лансирање на ракетата Сатурн 1Б во три конфигурации

Лансирање на ракетата Сатурн 1Б во три конфигурации – AS-203 без вселенското летало, Аполо 5 со лунарниот модул, и заедно со командниот/сервисниот модул, при сите други лансирања.

Графија којашто го прикажува пароходот-триколка

Графија којашто го прикажува пароходот-триколка

Самодвижечкото возило на Кињо во Музејот на уметностите и занетите во Париз

Самодвижечкото возило на Кињо во Музејот на уметностите и занетите во Париз

Првиот подземен тунел и дел од вагон фотографирани од Сајантифик Американ во1899 година

Првиот подземен тунел и дел од вагон фотографирани од Сајантифик Американ во1899 година

Тунелот од првата подземна линија е потполно уништен при градбата на станицата за Градското собрание

Тунелот од првата подземна линија во Њујорк е потполно уништен при градбата на станицата за Градското собрание