Во време кога бактериите и вирусите релативно брзо стануваат отпорни на сè поголем број лекови, истражувачите се постојано во трка со времето при создавањето нови антибиотици што ќе овозможи да се избегнат пандемии.
Токму од овие причини во последно време истражувачките тимови почнаа да прибегнуваат и кон користење на вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција им овозможува повеќе од значително да ја прошират нивната потрага низ базите на податоци, по молекули што се сосема различни од оние на постоечките антибиотици.
Како што пренесува Science, во трудот што минатата недела бил објавен во Cell, e опишано како истражувачите користеле алгоритам за машинско учење за да предвидат кои молекули ќе покажат антибактериска активност. Откако биле обработени податоците од неколку хемиски датотеки, тие пронашле молекула, наречена халицин, којашто би можела да се справи со широк опсег на патогени микроорганизми. Халицинот би можел да се употреби и за сузбивање на застрашувачката гастроинтестинална бактерија Clostridium difficile (C. diff) којашто е меѓу почестите убијци на хоспитализирани пациенти, но и на уште една бактерија што честопати предизвикува инфекции на крвта, уринарниот тракт и белите дробови. При тестовите спроведени кај глувци халицинот се покажал како мошне ефикасен.
Иако е долг патот што треба да се изоди за овој лек да стане стандарден третман кај луѓето, сепак истражувањето покажа дека вештачката интелигенција (ВИ) е повеќе од корисна алатка во рацете на врвните научници. Со помош на ВИ се забрзува предклиничкото истражување во процесот на откривање нови лекови. Имено, истражувачите ќе можат полесно да проценат дали вреди да се инвестира во понатамошните многу поскапи истражувања врзани со молекулата што ја проучуваат. На овој начин многу се забрзува целиот процес за пронаоѓање на нови генерации антибиотици.