Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 20 февруари 2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 20.02.2020 - 10:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

20.2.2003 – Почина Паскал Сотировски

Можеби најголемиот македонски научник на сите времиња умира на денешен ден во 2003 година во Париз. Со сигурност може да се тврди дека бил во своето време најголемиот познавач на Сонцето, и тоа на светско ниво. Тоа е неоспорно и од светските научни авторитети има признание за таа титула. Астрофизиката е негово поле на интерес. Бил професор на Сорбона и член на МАНУ надвор од работниот состав. Работел во прочуената Опсерваторија во Медон близу Париз, главно на изучувањето на зрачењето што потекнува од површината на Сонцето. Објавил таблици на спектрите од двоатомни молекули присутни на Сончевата површина. Роден е на 23.11.1927 година во село Врбен, гостиварско. (Т. С.)

 

20.02.1986 – Поставен е основниот модул на вселенската станица Мир

На овој датум во орбитата на Земјата е поставен основниот, базниот модул на првата вселенска станица за која никој не веруваше и не планираше дека ќе го “доживее“ и ќе го постигне тоа што станицата го направи во следните 15 години. Самиот нејзин работен век беше 3 пати подолг од првично планираниот. Не само што го надживеа СССР како држава, туку помогна да се дојде до огромен број откритија од страна на посветените космонаути и научници кои со својот престој таму, самите поставија некои рекорди кои сè уште не се надминати.

Во март 1986 година на Мир пристигна и првиот човечки екипаж, а првиот модул – Квант 1 беше прикачен во 1987 година, додека 2 години подоцна пристигна и Квант 2. Во јуни 1995 година се случи и првото директно спојување на станицата со американски спејс шатл, а следната година, на 23 април 1996 година, на станицата беше прикачен финалниот модул, Природа.

По повеќе од 86 000 орбитирања околу Земјата, на 23 март 2001 во 9 часот наутро по московско време, 134 тони тешката станица влезе и согоре во атмосферата над јужниот дел од Тихиот Океан во кој паднаа и некои од поголемите делови кои не согореа при падот. (Г. П.)

 

20.2.1984 – Почина Пол Дирак

Британскиот физичар Пол Дирак (Paul Dirac) дал значаен придонес во дефиницијата на квантната теорија и теоријата на релативитетот. Тој го предвидел теоретски постоењето на позитивен електрон (позитрон), што подоцна беше експериментално потврдено. Заедно со Шредингер, добитник е на Нобелова награда за физика во 1933 год. (П. Л.)

 

20.2.1947 – Алан Туринг предлага тестирање на вештачка интелигенција преку играње шах

Еден од пионерите на полето на компјутерите, Алан Туринг, предложил на едно предавање на Лондонската математичка асоцијација тестирањето на вештачката интелигенција да се врши преку играње шах.  Во тоа време терминот вештачка интелигенција сè уште не бил ‘скован’. Џон  Мекарти го употребил овој термин во 1956 година, две години по предвремената смрт на Алан Туринг. Во своето образложение Туринг укажал дека исто како и на луѓето, и на компјутерите треба да им се овозможи своевиден ‘тренинг’ пред да им се тестира коефициентот на интелигенција. Исто така, според него, луѓето математичари секогаш го минувале интензивниот тренинг.

Всушност, Туринг добро ја сфатил потребата за емпириски докази, предлагајќи го она што подоцна стана познато како Турингов тест за да се утврди дали машината е способна да размислува. Тестот е адаптација на таканаречената “Игра на имитација”. Оригиналната игра вклучува маж и жена со испрашувач чијашто цел е да го погоди полот на другите играчи преку поставување прашања и проучување на нивните одговори дадени во писмена форма. Притоа мажот има за цел да го измами испрашувачот, додека жената се обидува да му помогне. Кај Туринговиот тест, компјутерската програма го заменува мажот. Ефективно, тестот испитува дали испрашувачот може да утврди кој е компјутер а кој човек, иако претходно на испрашувачот не му е укажаноо дека еден од испитаниците е компјутер. Идејата е дека ако испрашувачот не може да утврди разлика помеѓу одговорите на човекот и на машината, тогаш ќе се смета дека компјутерот размислува.

Идеите на Туринг имаа големо влијание врз развојот на новото поле, вештачката интелегенција.  (З. И.) (И. З.)

Клучни зборови:
Паскал Сотировски

Паскал Сотировски

Руската вселенска станица МИР

Руската вселенска станица МИР

Планот на сколпување на МИР

Планот на градба на МИР по години

Пол Дирак

Пол Дирак

Алан Туринг

Алан Туринг