Австралиските истражувачи поставија нов светски рекорд во ефикасно претворање на сончевата енергија во електрична кај уредите со т.н. „квантни точки“. Квантните точки всушност претставуваат наночестички коишто меѓусебно разменуваат електрони и притоа создаваат електрична енергија при изложување на уредот со соларна ќелија на сонце.
Истражувањето, опишано списанието Nature Energy, претставува значаен напредок во насока на добивање комерцијално исплатлива технологија и ги поддржува напорите за достигнување на глобалните цели за користење обновлива енергија.
Како што истакнуваат истражувачите од Универзитетот во Квинсленд, за разлика од конвенционалните соларни технологии, кои користат цврсти, скапи материјали, новата класа материјали со квантни точки е свитлива и може да се печати. Со самото тоа, оваа нова технологија би можела да има далеку поширока примена. Па така, на пример, таа би можела да нанесе како тенок слој врз надворешноста на електричните автомобили, авионите, на фасадите од домовите, па дури и да се примени кај уредите за носење (wearable).
По независно тестирање, Националната лабораторија за обновлива енергија (National Renewable Energy Laboratory – NREL) во САД откри дека тимот од Универзитетот во Квинсленд предводен од Лианжу Ванг постигнал рекордна ефикасност од 16,6%. Инаку, претходниот рекорд во категоријата ефикасност на соларни ќелии со квантна точка изнесуваше 13,4%.
Тајната на успехот се состои во инженерската стратегија за развој на мазна површина. Површината на квантните точки најчесто е груба и нестабилна, што ја прави помалку ефикасна во претворањето на сончева во електрична енергија. Оваа нова генерација на квантни точки е компатибилна со поевтините технологии за печатење соларни ќелии во големи размери. И секако, она што е и најбитно според истражувачите, подобрувањето на енергетската ефикасност за 25% во однос на претходниот рекорд ја прави оваа технологија комерцијално исплатлива.