Рубрика: Енергетика
Гаснењето на нуклеарните централи е еколошки неоправдано?
Автор: Валентина Степановска-Андонова
Објавено на 17.02.2020 - 10:45

или како Германија ја отфрли нуклеарната енергија, а смртоносните емисии се зголемија

Нуклеарните централи денес практично се користат само за производство на електрична струја. Првата нуклеарна централа за добивање струја била изградена во СССР, во градот Обнинс, која почнала со работа во 1954 година.

Разни држави имаат различни ставови во однос на користењето на нуклеарните централи. Водечка во искористувањето на нуклеарната енергија е Франција, каде што околу 80 % од струјата се произведува во нуклеарните централи. Данска, пак, целосно се откажала од примената на нуклеарна енергија. А кој е ставот на Германија и зошто?

Според неодамнешната студија,  затворањето на нуклеарните централи во Германија довело до зголемување на емисијата на јаглерод и загадувањето на воздухот, што предизвикало штета од околу 12 милијарди американски долари пресметано на годишно ниво.

На пример, на почетокот од оваа година, по 35-годишно снабдување со струја, нуклеарната централа во Филипсбург била деактивирана, како 11-та по ред нуклеарна централа во Германија. Останатите 6 ќе бидат исклучени во текот на 2020 година.

Германскиот став во поглед на нуклеарната енергија бил отсекогаш комплициран, но негативниот став се засилил по појавата на радиоактивниот облак што ја зафатил Германија по катастрофата во Чернобил (Украина), а по хаваријата во Фукушима (Јапонија) оваа антинуклеарна кампања се радикализира со низа протести. Но, една студија објавена минатиот месец од страна на Националното биро за економски истражувања сугерира дека отфрлањето на нуклеарните електроцентрали во земјата би бил скап и евентуално смртоносен превид.

Со анализа на податоците од 2011 до 2017 година, откриено било дека нуклеарната енергија била најмногу заменувана со електрични централи што користат јаглен, факт што придонел кон ослободување на дополнителни 36 милиони тони CO2 годишно, или 5% зголемување на емисиите. Уште повознемирувачко било сознанието дека согорувањето на јаглен довело до локално зголемување на загадувањето со честички и SO2, што довело до дополнителни смртоносни последици за 1100 луѓе од респираторни и кардиоваскуларни болести.

Истражувачите од универзитетите во Беркли и Карнеги Мелон пресметале дека зголемената емисија на јаглерод и смртните случаи предизвикани од загадувањето на воздухот предизвикале штета од 12 милијарди американски долари годишно. Студијата покажала дека во однос на оваа штета, трошоците за одржување на нуклеарните централи се минимални, дури и кога би се разгледувале ризиците од инциденти (топење на јадрото на нуклеарниот реактор) и трошоците за складирање на нуклеарниот отпад.

Но, и покрај овие аргументи, Германија нема да ја промени насоката, а заклучоците на студијата даваат важна лекција за САД, каде што иднината на нуклеарната енергија е сè поизвесна.

Па, освен Калифорнија, ниту една друга држава од САД нема став да ја исклучи нуклеарната енергија во целост. Во контекст на ова, ООН соопштиja дека нуклеарната енергија ќе мора да биде дел од енергетската мешавина за да може да ги задржи глобалните температури да не се зголемуваат повеќе од 2 Целзиусови степени, што оди во прилог на политиката на САД.

Дури и ако големите стандардни нуклеарни реактори во Америка се затворат, новата генерација на мали, модуларни нуклеарни реактори се очекува да се појави пред крајот на деценијата. Се ветува дека овие реактори ќе бидат поевтини и побезбедни од постојните реактори, a тоа може да ги направи и политички попривлечни. “Ако намалувањето на СО2 е најважно за вас, пред сè – тогаш треба да ги прифатите“ – изјавил Џонатан Лесер, претседател на консултантската фирма Continental Economics. Но, во САД, како и во Германија, тоа сепак може да биде тешко прифатливо.

Клучни зборови:
Модуларен нуклеарен реактор

Модуларен нуклеарен реактор