Надлежното тело за заштита на податоци во Република Чешка започна истрага за произведувачот на антивирусен софтвер, компанијата Avast, којашто е регистрирана со седиште во оваа држава.
Истрагата започнала откако беше откриено дека оваа компанија ги продава податоците собрани од над 100 милиони корисници на овој софтвер, на други компании, за што пушувавме тука. Како што претходно пишувавме, заедничката истрага на Motherboard и PCMag откри дека помеѓу клиентите на Avast се вбројуваат и Google, Microsoft и Home Depot.
Засега чешките власти решија да ги истражат фактите во врска со ова откритие со цел да утврдат дали компанијата ги злоупотребиле личните податоци од корисниците.
Како што пренесува PC Mag, претседателката на чешката канцеларија за заштита на лични податоци, Ивана Јану, во официјалното сооопштение изјавила: “Моментално собираме информации за целиот случај. Се сомневаме во сериозно и обемно кршење на законот за заштита на личните податоци на корисниците. За следните чекори ќе ја информираме јавноста”.
Дека Avast собира податоци прв пат се дозна минатата година беше забележано дека екстензиите од овој софтвер за Google Chrome и Mozilla Firefox, собираат информации за корисниците, а потоа компанијата ги продавала овие податоци на различни други компании. Набрзо потоа, Google и Mozilla ги отстранија екстензиите нешто пред Avast повторно да ги објави со значителни промени со кои се намалува количината на податоци што се собираат од компјутерот на корисникот.
Податоците од корисниците на Avast ги собирала нивната придружна компанија Jumpshot, којашто била затворена откако беше откриен случајот. Од Avast соопштиле дека соработуваат со истражувачите и дека уште во декември доброволно направиле промени во политиката на приватност.