Ако прашате кој било економист за бесплатноста на некоја услуга, веднаш ќе добиете одговор “Не постои бесплатен ручек”, иако човек се надева, нели... Но, се чини дека има нешто во изреката и дека некои понуди се предобри за да бидат во целост вистинити.
Бесплатниот антивирусен софтвер Avast веќе подолго време е прв избор за милиони корисници низ светот, а богами, и за еден добар дел од Македонците. А и зошто не би бил кога неколкупати е вбројуван во најдобрите избори за заштита на вашиот компјутер – впрочем, се работи за еден од софтверите коишто се лесни за употреба, брзи и интуитивни и не заземаат премногу ресурси од вашиот PC. И да, заштитата од надворешни закани е навистина добра, но останува прашањето што беше инспирација за еден куп холивудски крими-трилери и хорор-филмови – кој ги чува чуварите?
А прашањето е сосема легитимно. Како што денес пишува хрватскиот портал zimo на Nova TV повикувајќи се на Vice, додека овој бесплатен вирусен софтвер го штити вашиот уред, си собирал секакви податоци за неговиот корисник. Така, во Avast им била достапна целосната историја на вашето онлајн пребарување, сурфање и однесување, што сè сте сакале да дознаете, што сте купувале, кои весници ги читате, на кои социјални мрежи поминувате најмногу време... буквално сè до последниот клик, тука вклучувајќи ја и посетата на сајтовите од сомнителна провиниенција (кха, кха, – порно – кха). Овие податоци потоа им биле продавани на големите компании како Гугл, Пепси, Мајкрософт, Хоум Депо и кои уште не, за цени што понекогаш достигнувале вртоглави суми, во зависност од обемот на отстапените податоци.
Па така, њујоршката медиумска компанија Омникрон од Аваст купила еден севкупен пакет информации, каде што биле запишани сите пребарувања и секој клик од корисниците, по цена од 4,5 милиони долари. Пакетот на Омникрон му овозможил податоци за корисниците од 14 земји, вклучувајќи го тука и полот на корисникот, којшто бил изведен од пребарувачките записи и навики.
Во своја одбрана, од Аваст тврдат дека сите податоци биле “хешувани” пред да бидат предадени на трета страна, односно дека од нив биле тргнати сите лични податоци коишто би можеле директно да го откријат идентитетот на корисникот на нивниот софтвер – процес познат како деиндетификација. Но, како што посочуваат повеќе вистински познавачи на оваа проблематика, а меѓу нив и Ѓунес Акар (Günes Acar) од белгиската истражувачка група Computer Security and Industrial Cryptography, ова не е доволно. Имено, при спојувањето на овие анонимни податоци со други, како што е на пример точното време на посетата на одреден сајт или времето поминато на секоја страница од тој сајт, безличниот корисник од којшто се преземени овие податоци многу бргу може да добие специфично лице, имејл адреса и профил.
Од Vice се обиделе да стапат во контакт со фирмите коишто купиле пакети со податоци од Аваст, но малкумина им одговориле.
Еден од ретките одговори пристигнал од компанијата Хоум Депо, којашто вели дека податоците биле купени за да им помогнат во работењето, а од продавачот на вакви услуги побарале да им ги посочат условите под коишто тие смеат да ги споделуваат овие податоци со нив.
Од Мајкрософт не прецизирале за која намена биле употребени податоците, а во моментов тие немаат соработка со Аваст.
Од компанијата Јелп, пак, бил добиен одговор дека податоците им помогнеле во судскиот спор што тие го имаат со Гугл, но притоа истакнале дека употребените податоци биле анонимни и дека идентитетот на корисникот не бил потребен ниту пак било потребно да биде откриен.
Од Аваст јавуваат дека во иднина, односно од февруари, на новите корисници на нивниот софтвер ќе им биде јасно посочена можноста за продажба на нивните податоци на трети лица, како и условите под коишто таа ќе се одвива, додека старите корисници на Аваст ќе добијат опција за избор по ова прашање.