Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 10 февруари 2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 10.02.2020 - 13:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

10.2.1891 – Почина Софија Ковалевскаја

Најпознатата жена научник пред дваесеттиот век, познатата математичарка Софија Ковалевскаја (Софья Васильевна Ковалевская) умира на денешен ден во 1891 година во Стокхлом, Шведска. Родена е во Москва во 1850 година.  Дала значаен придонес во математичката анализа, парцијалните диференцијални равенки и во механиката. Важела за жена-еталон и инспирација во математиката во светот. Исто така, била првата жена која стекнала докторат, но во денешната, модерна смисла на тој збор и прва жена именувана за редовен професор во северна Европа и една од првите жени која работела како уредник во научно списание. А сето тоа да се постигне во тоа време на строго традиционални родови односи и класичната сомничавост од општеството во жената како индивидуа која може да е успешна и на тие полиња е навистина, така да се каже, херојско дело. (Т. С.)

 

10.2.1923 – Почина Вилхелм Рентген

Вилхелм Конрад Рентген (Wilhelm Conrad Röntgen) е германски физичар, професор на неколку универзитети во Германија. Во 1895 г. ги открил т.н. икс-зраци – електромагнетни бранови, подоцна наречени “рендгенски“. Во 1901 година за ова откритие му беше врачена Нобеловата награда за физика. Рентген ја донирал паричната награда на универзитетот каде што работел. Како и Пјер Кири, Рентген одбил да го патентира неговото откритие затоа што сакал човештвото како целост да има корист од ова откритие.

Во негова чест, во 2004 година, Меѓународниот сојуз за чиста и применета хемија (IUPAC) по неговото име го именува хемискиот елемент 111 – рендгениум, радиоактивен елемент со бројни нестабилни изотопи. (Н. С.)

 

10.2.1996 – Каспаров загуби од компјутерот Deep Blue

Во првиот од серијата од шест мечеви, шаховскиот суперкомпјутер Deep Blue го победи светскиот шампион Гари Каспаров. Тоа воедно е прва победа на компјутер над некој светски шампион.

Куриозитет е што Каспаров ја предаде партијата во реми-позиција, како што покажаа подоцнежните анализи. (З. И.)

Клучни зборови:
Софија Ковалевскаја

Софија Ковалевскаја

Вилхелм Рентген и првата рендгенска снимка

Вилхелм Рентген и првата рендгенска снимка

Гари Каспаров против Дип Блу

Гари Каспаров против Дип Блу