Постојат четири познати начини, а некои од нив може да се манифестираат истовремено
Вирусните респираторни инфекции, како обичната настинка, вообичаено ги перципираме како блага непријатност што минува за неколку дена. Но, коронавирусот во Вухан се покажа дека е различен. Од заразените, според официјалните податоци починале околу 2%, но вистинската стапка на смртност е непозната.
Постојат уште многу нешта што треба да ги научиме за овој нов вирус, но она што знаеме е дека тој честопати предизвикува пневмонија, инфекција на белите дробови којашто создава гној и течност и ја намалува способноста на белите дробови да го апсорбираат кислородот (да вршат оксигенација на крвта).
Од првите 99 луѓе кои имале тешка инфекција, три четвртини имале пневмонија којашто ги зафати двете белодробни крила. Околу 14% имале оштетување на белите дробови предизвикано од имуниот систем, додека 11% страдале од тотално откажување повеќе органи, или од сепса.
Во оваа фаза, знаеме дека некои луѓе развиваат само лесна инфекција, додека други стануваат критично болни, но точната застапеност на секоја од манифестациите, сè уште не е јасна.
Сè на сè, постојат четири клучни начини на коишто коронавирусот од Вухан може да предизвика сериозна болест – а некои од нив може да се случат истовремено.
1. Директно оштетување од вирусот
Кај коронавирусот САРС (тежок акутен респираторен синдром – англиски Severe Acute Respiratory Syndrome), директното оштетување од вирусот беше веројатно најчестиот начин на којшто инфекцијата ја предизвикуваше болеста. Најверојатно ваков е случајот и со коронавирусот од Вухан.
Раните истражувања открија дека коронавирусот од Вухан се закачува на специфичен рецептор којшто се наоѓа во ткивото на белите дробови. Нешто налик на механизмот брава-клуч, кој на вирусот му овозможува да навлезе во клетката, а се работи за истиот рецептор којшто го користеше и коронавирусот САРС.
Вирусите ги “киднапираат“ механизмите на клетката-домаќин за да направат повеќе копии од себе. Штетата е резултат или од целосно преземање на клетката од страна на вирусот при што тој ја убива, или пак во случај кога имуните клетки препознавајќи ја вирусната инфекција ја поставуваат одбраната, предизвикувајќи одумирање (смрт) на клетките.
При изумирање на голем број клетки, заболениот орган не може да функционира ефикасно.
Истражувањата спроведени кај пациенти кои починале од коронавирусот САРС покажале дека вирусот предизвикал штета не само на белите дробови, туку и на другите органи во телото. Раните истражувања покажуваат дека коронавирусот од Вухан исто така може да оштети и други органи, вклучувајќи ги и бубрезите.
2. Пневмонија (воспаление на белите дробови)
Додека ја разоткриваме поврзаноста помеѓу коронавирусот од Вухан и пневмонијата, многу што може да научиме од грипот.
Грипот е вирус, но најчесто предизвикува бактериска пневмонија – нешто што е познато како секундарна инфекција. Се смета дека вирусот на грип ги ослабува вообичаените заштитни механизми на белите дробови, дозволувајќи им на бактериите да се вгнездат и да се размножуваат. Оваа појава е особено присутна кај децата, постарите лица и оние со нарушен имун систем. Секундарната бактериска пневмонија е многу потешка од самиот грип – кај хоспитализираните пациенти, околу 10% од оние со грип и пневмонија умираат, наспроти само 2% од оние кои не развиле пневмонија.
Коронавирусот од Вухан се чини дека предизвикува пневмонија на два начина: кога вирусот ги презема белите дробови или преку секундарни бактериски инфекции, но сепак, првиот начин се чини дека е почест.
3. Сепса
Сепсата е сериозна состојба којашто може да биде предизвикана од многу инфекции. Кога имаме инфекција, телото реагира со имунолошки одговор за да се избори со патогенот. Но, прекумерниот имунолошки одговор може да предизвика оштетување и откажување на органите. Токму ова се случува при сепса.
Иако е тешко да се утврди дали оштетувањето на органите од коронавирусот од Вухан е последица од директна вирусна инфекција или пак се работи за индиректно “колатерално оштетување“ предизвикано од имуниот систем, првичните извештаи укажуваа дека околу 11% од сериозно болните луѓе со коронавирусот од Вухан развиле сепса со откажување на повеќе органи.
Досега никакви лекови или интервенции не беа во можност да го намалат ваквиот имунолошки одговор. Иако беа предложени неколку третмани за коронавирусот од Вухан, сè уште ниту еден од нив не се покажа дека функционира.
4. Компликации при болничка нега
Конечно, пациентите кои имаат потреба од болничко лекување може да развијат компликации. Тука спаѓаат инфекции од интравенските линии (од инфузии/лекови) или уринарни катетри (флексибилни цевки што се вметнуваат во мочниот меур за празнење на урината), пневмонија или неинфективни компликации како повреди при падови или рани од притисок (декубитус).
Истражувањата откриле дека 10% од болничките пациенти стекнале некаква инфекција како последица на болничката нега, а околу 5% имаат декубитус.
Во болниците интензивно работат за да се обидат да ги спречат овие компликации, на тој начин што здравствените работници ги дезинфицираат своите раце и другата опрема. Сепак, компликациите се сè уште присутни, особено кај пациентите ослабени од долгиот болнички престој.
Иако повеќето респираторни вирусни инфекции се благи, некои од нив можат да предизвикаат сериозни компликации, директно или индиректно. Сè уште е прерано да се каже колку често ова се случува со коронавирусот од Вухан. Иако имаме првични податоци за оние кои биле сериозно погодени, во многу други случаи заболените можеби не побарале медицинска помош.
Ален Ченг, професор по епидемиологија на заразни болести, Универзитет Монаш
Овој напис е преземен страницата The Convesation под лиценцата Creative Commons