Рубрика: Медицина
Општата анестезија при царски рез поврзана со постпoродилна депресија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.02.2020 - 13:15

Едно ново истражување укажува дека администрирањето општа анестезија при породување со царски рез е поврзано со значително зголемување на шансите за развој на тешка постпородилна депресија, со самоубиствени мисли или самоповреда,  за чиешто третирање е потребно болничко лекување.

Истражувањето било спроведено на Факултетот за јавно здравје при Универзитетот Колумбија Мејлман и Медицинскиот центар Ирвинг  на Универзитетот Колумбија, а резултатите од него се објавени во интернет изданието на журналот на Меѓународното здружение за истражување за анестезија, Anesthesia and Analgesia.

Ова истражување е прво што го испитува влијанието на типот на анестезија што била употребена при процедурата за царски рез врз ризикот од постпартална депресија (ППД) , како и заштитниот ефект што локалната анестезија при царски рез може да го има врз менталното здравје на родилката во споредба со општата анестезија.

Според истражувањата постпородилната депресија е во подем и само во САД бројот на новооткриени случаи се зголемил седумпати во последните 15 години, достигнувајќи бројка од околу 550 000 нови случаи на годишно ниво.

За целите на истражувањето биле користени болничките отпусни листи за случаите со породување со царски рез во периодот помеѓу 2006 и 2013 година, добиени од државните болници во Њујорк. Од вкупно 428 204 случаи на породување со царски рез вклучени во анализата, 34 356 односно 8% и од жените при процедурата примиле  општа анестезија. Кај 1 158 од нив  (или 3% жени) била регистрирана тешка постпородилна депресија која бара хоспитализација. Притоа 60% од случаите биле идентификувани при повторен прием во болницата, приближно по 164 дена од породувањето. Во споредба со локалната анестезија при царски рез, општата анестезија била поврзана со 54% зголемени шанси за развој на постпартална депресија. Шансите за самоубиствени мисли или самоповредување се зголемиле на 91%.

Како што истакнуваат истражувачите, иако општата анестезија е поврзана со временски најбрзо породување броено од моментот на носење одлука во случај на итна постапка, сепак не постојат докази дека со неа се подобрува исходот за бебето. Наспроти ова, сè повеќе докази укажуваат дека оваа анестезија може да има неповолни последици за мајките. Па така тие препорачуваат секогаш кога е можно да се избегне давањето на општа анестезија а и тогаш кога тоа е неопходно да се обезбеди следење на менталното здравје на пациентот.

Клучни зборови: