Рубрика: Биологија
Албатроска полиција за справување со криволовот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.01.2020 - 13:15

Овие џиновски птици се најновите регрути во борбата против нелегалниот риболов.

Риболовот во целиот свет се одвива во националните економски ексклузивни зони (ЕЕЗ) и во меѓународните води. Познавањето на распределбата на рибарските бродови е основа за регулирање на риболовните активности, заради спречување на прекумерната експлоатација и на вклучување заштитени видови во уловот, што е последица на непријавениот и незаконски риболов. Но, информациите за точната локација на сите рибарски бротчиња не е секогаш достапна, особено во меѓународните води каде понекогаш капетаните намерно го исклучуваат локаторот, влевајќи сомнеж во природата на нивните активности.

Но сега, со помош на специјално опремената флота од 170 албатроси, се знае дека околу 30% од бродовите коишто риболоват во меѓународните води, најверојатно тоа го прават нелегално.  

Во текот на шест месеци, во периодот од декември 2018 до јуни 2019 година, со помош на албатросите била набљудувана површина од над 47 милиони квадратни километри во Јужниот океан, во потрага по бродови што не го користат системот за автоматска идентификација (AIS). Ова значи дека веројатно не го пријавиле нивното присуство во одреден реон, а сепак кориселе радар при навигацијата.

Птиците биле опремени со GPS и минијатурен детектор на радарски сигнали што им овозможувало на научниците директно откривање на позицијата на бродот за само 2 часа. Ако локацијата на бродот не соодветствувала со позицијата од AIS препознавањето, тоа бил знак дека бродот можеби се впуштил во незаконска активност. Идентификацијата на бродовите покажала дека 27% од нив имале исклучен AIS фар за идентификација во рамките на ЕЕЗ, додека во меѓународните води дури 37% од детектираните бродови работеле со исклучен AIS.

Албатросите совршено одговарале за оваа “шпионска” задача, затоа што поминуваат големи растојанија во еден лет, понекогаш и илјадници километри, но она што е од особена важност е тоа што ги привлекуваат рибарските бродови, како места каде може да се начека полесно заработен оброк од риба.

Проектот е дел од европската програма Океански чувар (Ocean Sentinel) , а беше спроведен од научници од Центарот за биолошки студии во Шизе (CNRS), во Франција, во соработка со нивните колеги од Универзитетот во Ливерпул, Велика Британија.

Резултатите од истражувањето се објавени во Proceedings of the National Academy of Sciences

Ова е второ истражување во рамките на програмата Океански чувар. Првото беше направено во 2017 година во регионот на Мадагаскар, а оваа година во март и април е планирана и трета тура истражувања којашто треба да се случи во околината на Островите на Принцот Едвард во јужниот дел од Индискиот океан.

Клучни зборови: