Рубрика: Архитектура и градежништво
Жив бетон за нови градежни достигнувања
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.01.2020 - 14:15

... или како бактериите им помагаат на научниците во откривање на нови можности во градежништвото.

Комбинирајќи песок и бактерии американските истражувачи создадоа материјал којшто го нарекоа жив бетон. Според нив новиот материјал го отвора потенцијалот за создавање градежни материјали што ќе можат самите да се поправаат и реплицираат, а истовремено ќе бидат повеќе “зелени” (и тоа буквално) од традиционалните материјали за градба.

Идејата не е сосема нова.  Имено, уште во 2015 година година еден холандски тим, а веднаш потоа во 2018 и еден американски истражувачки тим, го објавија создавањето бетон со можност за само-репарирање, материјал којшто го добиле со додавање на бактерии или габи што излачуваат минерали во мешавината.

Она што откритието на научниците од Универзитетот во Болдер, Колорадо, го истакнува од претходните откритија е тоа што тие се насочија кон испитување на можноста за “пакување” на оваа мешавина во стабилен градежен материјал којшто, во некоја не толку далечна иднина, ќе може да се испорачува до корисниците како готова сува смеша. Со додавање вода во овој “полуготов” жив градежен материјал корисниците ќе можат да ги обликуваат своите нови домови, гледајќи ги буквално како растат :)

Научниците нивните истражувања ги објавија во списанието Matter, каде го опишуваат процесот на создавање на скеле од песок и хидрогел коешто им овозможува на бактериите да растат. Како што тие истакнуваат, хидрогелот ја задржува влагата и хранливите материи за бактериите да се размножуваат и минерализираат, процес сличен на формирањето школки во океанот.

На овој начин тие создадоа жив материјал што, во соодветни услови, покажува слична јачина на малтерот во чијашто основа е цементот.

Како што објаснуваат научниците во процесот биле користени фотосинтетички цијанобактерии со коишто го биоминерализирале костурот околу којшто се формира тулата.

Со делење на тулите на половина, бактериите можат да растат и да формираат две нови, цели цигли, ако притоа им се додаваат песок, хидрогел и хранливи материи. Истражувачите демонстрирале дека од една родителска тула по три генерации може да се добијат до осум тули. При растењето на ваквите бетонски тули не се ослободуваат дополнителни емисии на јаглероден диоксид, за разлика од вообичаениот процес на создавање бетон.

Сепак, овој иновативен процес за добивање градежни материјали бара дополнителна доработка. Еден од проблемите е тоа што тулите треба да бидат целосно суви за да го стекнат максималниот структурен капацитет, а со тоа и јачината. Но, сушењето на тулите е стрес за бактериите во материјалот, така што ја се загрозува неговата одржливост. За да преживеат, на цијанобактериите им е потребна влага, а неа нема да ја уживаат во повеќе суви региони во светот.

Истражувачите предвидуваат користење на бактерии со различни функционалности во процесот што ќе овозможи создавање нови материјали со повеќе нови биолошки функции. Па така, на пример, зградите во коишто се вградени ваквите материјали, во некоја не толку далечна иднина, би можеле да ги чувствуваат токсините во воздухот и соодветно да реагираат на нив. Друга потенцијална примена на овој вид материјали е нивната употреба за градење структури на локации со ограничени ресурси или, зошто да не, површината на некоја друга планета – Марс, на пример.

Клучни зборови: