Како што потврди последното истражување објавено на платформата за објава на научни истражувања eLife, температурата на човечкото тело бележи постојан пад во текот на последните 160 години. Со други зборови кажано температурата од 37ºC, што сите си ја "врзуваме во крпче" како некоја граница на нормалата, можеби е застарена и можеби не е толку нормална како што мислиме.
При истражувањето биле споредувани податоците од лекарските записи од средината на 19. век, времето на американската граѓанска војна, потоа од ’70-тите години од минатиот век и, се разбира, од денес. Истражувањето укажува дека во овој временски распон температурата на телото на просечниот американски граѓанин се намалила за 0,6ºC. Ваквиот тренд бил забележан и претходно. Имено, едно истражување објавено уште во 2002 година укажува на тоа дека стандардната граница од 37 степени како нормална температура е превисока, додека друго поново истражување објавено во 2017 година забележува дека просечната нормална температура на британските граѓани е 36,6ºC. Но, во вториот случај научниците претпоставуваат дека можеби стандардот од 37 степени се должи на мерења направени со недоволно прецизни топломери во минатото.
Но, да се вратиме на резултатите од новото истражување. Според истражувачите бројката од 37ºC што некаде во средината на 19. век била поставена како стандард за гранична нормална температура, сепак е точна, а регистрираниот постојан пад на температурата според нив веројатно се должи на генерално пониското ниво на воспаленија, што е резултат на достапноста на антибиотици, вакцини, на подобрување на квалитетот на водата, на современите технологии, какви што се централизираниот систем за греење и климатизацијата, односно на општото подобрување на квалитетот на животот.
Како и да е, пред да се направи ажурирање на стандардот за нормална телесна температура треба да се земе предвид дека нормалната температура на телото на сите луѓе варира како во текот на денот, така и во текот на животот. Факторите како возраст, пол, но и нивото на активност, исхраната, па дури и времето од денот, влијаат на работата на нашиот внатрешен термостат и одредуваат која температура во одреден момент е нормална за нашето тело.