Рубрика: Омнибус
Претплата на ЕМИТЕР за сите 1200 студенти и вработени на ФЕИТ
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 28.12.2019 - 13:30

Новите состојби и времиња бараа трансформација на списанието ЕМИ­ТЕР во поглед на организација на работата, но и во на­чинот на издавање. Па, така, следејќи ги современите текови во издаваштвото, пред три години преминавме на електронско издание на списанието, а од минатата година, на барање на читателите, го вративме и печатеното издание коешто е достапно исклучиво по пат на претплата.

Од неодамна, на нашата веб-продавница www.emiter.mk развивме систем преку кој е овозможена групна претплата и пристап до електронското издание на сите ученици, студенти и вработени во некоја институција, кога тие пристапуваат од ИТ-мрежата на таа институција. Со ова се создаде можност да одобриме навистина огромен попуст за таков вид на групна претплата. Први корисници на системот за групна електронска претплата ќе бидат сите 1200 студенти и вработени од “матичниот“ факултет на Емитер – Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје.

Имено, за мало потсетување на нашите читатели, токму на ФЕИТ (тогаш Електротехнички факултет – ЕТФ) во далечната 1995 година беше одржана промоцијата на првиот број од списанието ЕМИТЕР, кое тогаш беше исклучиво посветено на електрониката, телекомуникациите, информатиката, автоматиката, аудио и видеотехниката. Оттогаш до денес поминаа повеќе од 24 години, 200 броја на ЕМИТЕР и десетина книги и брошури. Токму затоа ФЕИТ е првата образовна институција на која ѝ ја понудивме опцијата за групна претплата и таа, со воодушевување, беше прифатена од деканот проф. д-р. Димитар Ташковски, и поддржана од повеќе професори.

Претплатата на сите студенти на ФЕИТ ќе им овозможува брз и едноставен пристап до содржините на Емитер, што секако ќе им биде од полза при студирањето, особено за вежбите, практичните проекти, семинарските и дипломските трудови. Со ваква групна претплата, сите студенти и вработени од ФЕИТ ќе имаат неограничен пристап до електронските броеви опфатени со претплатата, односно до сите броеви од следната година плус претходните броеви од 2015 г. до денес, од компјутерите, лап-топите, таблетите и мобилните телефони во мрежата на факултетот.

Претплатата истовремено претставува и директна поддршка за работата на ЕМИТЕР, сигнал дека ФЕИТ ја чувствува потребата за неформално дополнување на образованието на своите студенти и ја поддржува едукативната, информативната и научно-популарната мисија на списанието.

Објавувајќи го договорот за групна претплата на ФЕИТ воедно ја промовираме нашата нова понуда и ново-старите заложби за поголема присутност на ЕМИТЕР во училиштата и на факултетите. Во наредниот период до сите училишта и факлутети ќе доставиме понуда за групна претплата на електронското издание на ЕМИТЕР чии основни постулати се:

  • Цената на една годишна претплата е со 90% попуст,
  • Сите претплатници ќе ги добијат на подарок и електронските изданија на броевите од 2015 година до денес, со што се остварува заштеда од преку 95% во однос на редовната цена на електронското издание на ЕМИТЕР.

За повеќе информации заинтересираните можат да погледнат во менито Претплата на нашиот веб-портал.

Се надеваме дека и другите образовни институции, слично на ФЕИТ, ќе ги согледаат предностите на овој вид информирање и дополнителна едукација на нивните ученици и студенти и ќе ги искористат поволностите на групната претплата на електронското издание на ЕМИТЕР. И секако, да не заборавиме, ваквите претплати ќе дадат силна поддршка за натамошното опстојување и напредок на ЕМИТЕР, единственото македонско списание за популаризација и примена на науката и техниката.

Клучни зборови: